Еден ден ќе се вратам, не сум дојден тука да живеам. Тука сум за да се засолнам од политичкиот прогон откако увидов дека сите апсурди се надминати и дека властите имаат намера да одат до крај. Јас во Македонија бев осуден за работи за кои во други земји членки на ЕУ, судски случаи воопшто не би ни биле покренати, изјави поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски во своето прво интервју по бегството и политичкиот азил кој го доби во Унгарија.
Тој за телевизија Сител рече дека бил решен да оди во затвор, но по добиени информации дека ќе биде ликвидиран, одлучил да ја напушти Македонија.
– Информациите за ликвидацијата ми беа од сигурни затворски извори. Не можам да кажам кој сакал да ја организира ликвидацијата бидејќи немам докази – рече Груевски.
На прашањето како успеал да му избега на неговото полициско обезбедување, Груевски рече:
-Јас имав полициско обезбедување кога се движам, но немав 24-часовно обезбедување. Имало денови кога сум останувал дома, истакна Груевски.
За осудите што ги доби од неговите сопартијци поради бегството, бегалецот Груевски рече дека морале така да направат зошто биле под притисок.
– Власта владее само со уцени, со страв. Не им се лутам, мораат така да кажат и јас ги разбирам. Ја разбирам и Јанкулоска, таа е притисната, во таква ситуација каква што е, не и замерувам. Ги знам нејзините ставови, сме работеле долго време. Секој кој работел со мене можел да даде сугестија, предлог, критика, но тогаш верувале дека тие одлуки се најдобри за државата. Тоа го прават заради вербата дека ќе го намалат политичкиот прогон врз нив – рече Груевски.