МТСП демантира дека се злоупотребуваат згрижените деца

76

Министерството за труд и социјална политика ги демантира обвинувањата на „5 до 12“, тврди дека нема информации за злоупотреба на деца во мали групни домови и згрижуваки семејства и дека досега нема добиено писмена забелешка од ова здружение поврзано со наводна злоупотреба и негрижа за децата.

„Секој којшто тврди дека има сознанија и докази, го повикуваме писмено да ги достави и пријави во надлележните институции, во спротивно ќе се сметаат за соучесник во истите. Центрите за социјална работа имаат евиденција за сите деца без родители и родителска грижа кои се сместени во згрижувачките семејства и малите групни домови. Исто така, има прецизни статистики колку деца има и точно се знае каде е згрижено секое дете. Центрите имаат и евиденција колку слободни згрижувачи има на располагање во тековниот месец“, наведува МТСП во реакцијата по денешната прес-конференција на здружението „5 до 12“.

Министерството посочува дека поцесот на деинституционализација го спроведува со поддршка на УНИЦЕФ, УНДП и Европска делегација и дека за него постои Акциски план и Национална стратегија. Со системското решение, наведува МТСП, секое дете без разлика дали е сместено во мал групен дом или во згрижувачко семејство, добива континуиран стручен надзор од вработени во центрите за социјални работи и од вработени во малите групни домови.

„Згрижувачите се во постојан 24-часовен контакт со социјалните работници, а семејствата се посетуваат и по неколку пати месечно. Исто така, надзор во малите групни домови и кај згрижувачките семејства врши Заводот за социјални дејности и Секторот за инспекциски надзор во Министерството. Апсолутна лага е и тврдењето дека не постојат стандарди и систем за избор на згрижувачки семејства, како и обуки за згрижувачите“, пишува во реакцијата на Министерството за труд и социјална политика.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...