Граѓанската иницијатива 5 до 12 поднесе преставка до Народниот правобранител поради несоодветни услови за згрижување на деца без родители и деца со попречености во мали групни домови и згрижувачки семејства.
Преставката е поднесена против Министерство за труд и социјална политика, Меѓуопштински Центар за социјална работа – Скопје и против Центри за социјална работа низ Македонија.
„По добиени дојави и информации од социјални работници, и направен увид на лице место, утврдени се несоодветни услови за згрижување на деца без родители и деца со попречености во мали групни домови и/или згрижувачки семејства. Не постои соодветен систем и постапка за регрутирање на подобни/соодветни згрижувачи и згрижувачки семејства, обуката за добивање на сертификат(PRIDE) за згрижувач/посвојувач е несоодветна и нецелосна, згрижувачите и згрижувачките семејства немаат содветна поддршка од социјалните работници, нема соодветна контрола од социјалните работници и не се водат интегрирани досиеја за децата, малите групни домови немаат соодветен кадар за рехабилитација и интеграција на децата и лицата, малите групни домови во моментов не се „стратешко“ и системско решение“ велат од граѓанската иницијатива.
Тие предлагаат воведување на стандарди за згрижување, домување, рехабилитација и интеграција согласно „Конвенцијата за правата на детето“, „Конвенцијата за правата на лицата со попреченост“, и останати документи кои Р. Македонија ги има потпишано и ратификувано.