Јавното обвинителство бара притвор за тројца и куќен притвор за еден од четворицата поранешни министри и заменици министри за земјоделство кои се осомничени за злоупотреба на службена положба и овластување при доделување на земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште со што предизвикале штета од над 1,4 милиони евра на Буџетот.
Ова го изјави денеска пред Кривичниот суд јавната обвинителка, Вилма Русковска.
– За тројца бараме мерка притвор, а за еден поради здравствени причини, затоа што донесе медицинска документација, го преиначив предлогот од притвор во мерка куќен притвор – објасни Русковска.
Taa посочи дека станува збор за истражна постапка и не може да кажува имиња.
– Се сомничат дека во времето додека биле министри и заменик минситер склучувале договори за давање земјоделско земјиште под закуп, закупците не го плаќале закупот, а тие не преземале мерки за раскинување на договорите. Треба на јавноста да и кажеме дека единствен овластен за потпишување на договор за закуп и за раскинување на договор за закуп според Законот е министерот – изјави Рускоска.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција претходно информира дека четворицата во својство на министри за земјоделство, шумарство и водостопанство и нивни заменици во одреден период склучувале договори за закуп на земјоделско земјиште, кои не ги раскинувале иако закупувачите не го плаќале надоместокот за закуп.
– Станува збор за досега утврдени 584 договори за закуп на земјоделско земјиште на разни локации низ државата. На овој начин била предизвикана штета на Буџетот на Република Македонија во износ од 88.467.607 денари (над 1,4 милиони евра)., информираат од Јавното обвинителство на Република Македонија – соопшти Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.