Свесен сум дека „новинарското“ пишување во весник подразбира еден степен на површност затоа што весникот не е гласило на македонското филозофско општество, туку се обраќа на еден слој луѓе што не се претерано вљубени во книгата и читањето. Па, сепак, на 27 јануари, Меѓународниот ден на сеќавањето на жртвите од холокаустот не смееше да биде монструозно премолчено. Тврдам и до ден-денешен, ние како јавност (чувари на „јавниот интерес“?) и државата (како место во кое се организираат животите на луѓето) сме интелектуално и емотивно „кастрирани“ бидејќи, ете, се осмеливме да го премолчиме денот на жртвите од холокаустот.
Да видиме што е тоа што како општество го премолчуваме. Во септември 1935 година во Германија се воведени Нирнбершките закони: првиот за државјанство, вториот за граѓанската крв и чест. Првите што беа погодени од законот за државјанството беа Евреите, додека другиот закон го регулираше начинот на кои луѓето се сметаа за Евреи (односно Роми и црнци). Следните три години, до 1938 година траеше тивок терор, со што системот ги присилуваше луѓето масовно да се иселуваат од Рајхот. Ако, пак, си се охрабрел да останеш, прифаќаш да останеш без 90 проценти од својот имотот и практично со тоа стануваш слободен човек. Без нималку претерување, положбата на германските и австриските Евреи – откако во март 1938 година е спроведен „Аншлус“ (збор што означува процес на припојување на Австрија со Нацистичка Германија) – може слободно да го споредиме со положбата на бегалците во Сирија од септември 2015 година. И едните и другите мора да си заминат, ама немаа каде.
Конференцијата во Евијан
Во јули 1938 година, на иницијатива на Англија и на САД се одржува конференција на која учествуваат 32 демократски држави и 39 различни владини и невладини организации, сè со цел да се утврди бројот на еврејските бегалци, кои поедини земји се спремни да ги прифатат. Состанокот се одржува во Евијан, регион во североисточна Франција, односно погранично франкофонско гратче во Швајцарија, а би требало да биде запаметен како најсрамниот ден на Европа во 20 век. Се зборувало за судбината на околу 450.000 германски и 200.000 австриски Евреи.
Германија, разбирливо, не учествувала на состанокот, но Адолф Хитлер не го криел задоволството поради овој настан и дури понудил бесплатен превоз од комфорни германски прекуокеански бродови со кои ќе се извршува иселувањето.
Конференцијата во Евијан“ – како што овој настан е наречен во историските книги – завршува така што САД се согласуваат да примат по 10.000 луѓе годишно, Англија и Австрија 15.000 луѓе за три години, а останатите уште помалку. Иако на владите од демократскиот свет, особено на англиската и на американската им било совршено јасно какви импликации и закани им претстојат на германските и австриските Евреи. Па, ако во тој момент не можеле да го замислат холокаустот како индустрија на злосторството над Евреите, пред очите им била мануфактура на злосторство и законско претворање на луѓето во животни (или подлуѓе) – па сепак, не сакале да преземат ништо, или речиси ништо, за нивниот спас.
По овој состанок, се менува националсоцијалистичката политика, и постепено од фаза на протерување на Евреите се преминува во фаза на внатрешно преселување, концентрирање во гета (и концентрациони логори), а по познатата Ванзејска конференција одржана во јануари 1941 година (некаде се бележи дека се одржала во јануари 1942), во Гросер Ванзеу, предградие на Берлин, се донесува одлука за потполно физичко истребување.
По пропаѓањето на срамната конференција во Евијан, нацистите не ги поттикнуваат Евреите на иселување, туку пред нивни очи херметички ги затвораат границите. Конечниот резултат на крајот изнесуваше елиминација на 6 милиони Евреи. Ако за холокаустот директно се одговорни Германците и нивните блиски сојузници, индиректна одговорност сносат владите на демократскиот свет. Поради страшното историско искуство и соодговорност за холокаустот, големото мнозинство Европејци, во темелот на Европската Унија, создава документ во кој пишува дека земјите членки се должни да примат луѓе кои во нивната земја се под притисок од политички прогон.
Правна и праведна држава
А, сега, да се навратиме на она што исто така е важно за нашата земја. Денес во Македонија не се инсистира на праведна, туку се инсистира на правна држава. А тоа, ќе ве молам, не е исто. Сите политички субјекти во земјава инсистираат на правна држава. Што во превод би значело дека ние инсистираме на токму ваква држава како денес!? Е, па, браќа и сестри, државите се за тоа. И државите токму така изгледаат.
Од друга страна, праведна држава е цивилизациски идеал со кој ние како земја најпрво треба да завршиме со транзицијата, односно државата не е тука да донесе правда за сиромашните, туку да изврши редистрибуција на капиталот – правната држава е тука само за да го заштити капиталот што е стекнат од првата акомулација, знаејќи притоа дека државата е одлучна да ја брани светоста на приватната сопственост.
Затоа правна и праведна држава се две различни работи. Правото во теорија е вредносно неутрална категорија, а во практика е категорија што работи за оние што законите ги носат – а тоа се, да не се лажеме, богатите. Уште свети Августин во својата брилијантна критика за државата забележа дека и разбојничките дружини (а државата е, ако нема правда, ништо друго освен разбојничка дружина, вели) пленот го делат врз основа на некои правила, или во превод – закони.
На крајот, сакам да прашам (но и да кажам): постои разлика помеѓу правна и праведна држава. Правна држава не гарантира праведна држава. Нацистичка Германија беше правна држава со најдобриот европски правник и уставен суд кој детално ќе ви објасни зошто Холокаустот во тоа време беше уставен. Титовата Југославија, пак, ја водеше човек што тврдеше дека нема потреба да се држиме до законот како пијани за стап. И водеше држава што беше образец за еманципација. Секој барем малку добронамерен човек ќе ви го каже тоа.
Во која држава вие би сакале да живеете, ако веќе, ете, Македонија не ви е по ќеф?