Министерството за внатрешни работи излезе со детали за истрагата против тројцата поранешни министри и едниот заменик во Министерството за земјоделство и според истите, најголема штета била предизвикана во мандатот на Михаил Цветков кога од јуни 2014 до мај 2017 била направена штета од 572.399 евра.
Штетата направена од сите четворица осомничени изнесува 1,4 милиони евра, а е предизвикана во период од 10 години и неколку месеци. Осомничените во одреден период додека биле на функција склучувале договори за закуп на земјоделско земјиште, кои не ги раскинувале иако закупувачите не го плаќале надоместокот за закуп. Станува збор за досега утврдени 584 договори за закуп на земјоделско земјиште на разни локации низ државата.
„Првопријавениот М.Ц., во периодот од јуни 2014 до мај 2017 година, кога бил на функцијатата министер, со неизвршување на својата службена должност, по однос на спорните Договори за закуп не вршел контрола за неплатена закупнина, не ги раскинал Договорите за закуп за кои не била платена закупнината и не поднел тужба за наплата на долгот по Договорите по кои обврските не биле подмирени од страна на закупците. Притоа, за сметка на трети лица (закупци), го оштетил Буџетот во износ 572.399 евра“, соопштија од МВР.
Љупчо Димовски, пак, на истиот начин во периодот од јули 2009 до јуни 2014, предизвикал штета од 322.708 евра.
Во мандатот на третиот пријавен ексминистер, Ацо Спасеновски, државната каса е оштетена за 32.685 евра во периодот од август 2006 до јули 2009.
Заменикот министер за земјоделство, пак, Христијан делев, според МВР, е осомничен дека ја злоупотребил службената положба и овластување со склучување на анекси на Договори за закуп, кои Министертвото ги има склучено со две правни лица. В
„Со склучените Анекси на Договорите е уредено, во првиот случај – правното лице да почне со отплаќање на обврските за закуп дури четири години по склучувањето на договорот. А во вториот случај правното лице да почне со отплаќање на обврските за закуп три и пол години по склучувањето на договорот, со што правните субјекти незаконски ги ослободил од обврската да плаќаат закупнина за период во кој биле должни да платат. На овој начин, Х.Д. ја злоупотребил службената положба и овластувања и за сметка на стекнување на противправна имотна корист на трети лица, на Буџетот му нанел штета од 510.706 евра“, наведува МВР во соопштението.