До архивата на партија пристигнати се 8 кандидатури, но конечниот број на апликанти ќе биде познат деновиве со оглед на фактот дека дел од апликациите, би можеле да стигнат и по пошта, изјави Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ откако вчера заврши рокот за доставување на кандидатурите.
– Сите кандидатури дополнително ќе бидат разгледани од Комисијата за проверка на законски предвидените услови за кандидати за претседател на Република Македонија и најдоцна до вторник ќе бидат соопштени и имињата на кандидатите кои ги исполнуваат законските услови. На кандидат ќе им биде обезбедено време и простор за презентација на нивната програма од страна на партијата пред општинските комитети и членовите во период од 6 до 16 февруари – рече Мисајловски.
Партијата ќе овозможи достапност до партиските ограноци за секој кандидат за членството да може да ги слушне нивните идеи, ставови и аргументи. Кандидатите ќе имаат можност за непосредни средби со членството и негово запознавање со своите гледишта за државата.
Мисајловски не одговори дали меѓу пријавените кандидати има жени.
Некои медиуми објавија дека професорката од правниот факултет „Јустинијан Први“ Гордана Силјановска поднела кандидатура за претседател на Македонија на огласот на ВМРО-ДПМНЕ.
Засега само пратеникот Влатко Ѓорчев и фракционерот Филип Петровски јавно ги обелоденија своите кандидатури. Претходно ВМРО-ДПМНЕ објави дека има упте една пријава од самиот почеток на огласот, но таа засега останува анонимна.