Вкупно 62 малолетнички на возраст до 18 години ја прекинале бременоста во осум јавни здравствени установи од кои 34 во 2016 година, а 28 во 2017 година. Од 62 малолетнички, 23 се на возраст од 14 до 16 години, 18 на возраст од 17 години, а 21 со ненавршени 18 години. Најголем број од нив на возраст од 14 до 16 години кои абортирале се од македонска, ромска, албанска и турска заедница, а не се евидентирани случаи за прекин на пременост кај другите заедници.
Ова го покажуваат резултатите од спроведеното истражување кои денеска на прес-конференција ги презентираше заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска – Мустафа, која посочи дека итно треба да се преземат мерки за целосно согледување и справување со проблемот со малолетничката бременост и едукација на младите во училиштата…
– Вкупно 731 малолетничка се породиле во истражувачкиот период од кои четири на возраст од 11 до 13 години, 225 на возраст од 14 до 16 години, а останатите на возраст од 17 или со ненавршени 18 години. Меѓу малолетните мајки најголем број – 405 се Ромки, 162 Македонки, 109 Албанки, 43 Турчинки, пет Бошњачки, а шест од други заедници. Најголем број од бебињата (721) се дадени на натамошна грижа кај малолетната мајка, а 10 бебиња (шест родени во 2016 и четири родени во 2017 година) биле оставени од страна на малолетната мајка и понатаму се згрижени во ЈУ Дом за доенчиња и мали деца во Битола, рече Бајрамовска – Мустафа.
Посочи дека од увидот во документацијата што ја водат јавните здравствени установи констатирале дека речиси сите малолетни родилки се породиле во вонбрачни заедници, болниците не водат посебна евиденција за нив, или не се точни и целосни податоците во однос на брачниот статус. Според неа, не се почитува законската обврска за обезбедување согласност од родител/старател при интервенција на малолетни родилки.
– Во ниту една здравствена установа не постои пишан документ за евидентирањее на преземањето на новороденчето од болницата од страна на центрите за социјална работа во случај кога малолетната мајка не сака да се грижи за бебето и го остава во болница. Комуникацијата на релација здравствена установа – центар за социјална работа како старател на деца оставени од малолетни мајки е незадоволителна. Во дел од болниците нема социјален работник. Дел од децата згрижени во Домот за доенчиња во Битола се во постапка на посвојување, истакна Бајрамовска – Мустафа.
Таа рече дека Министерството за здравство треба да преземе мерки за изготвување на посебен правилник и протокол за постапување со малолетни пациентки без оглед дали се работи за абортус, породување или друга гинеколошка интервенција и да изготви документ со кој ќе се регулира постапувањето во случаи кога малолетната мајка го остава бебето во болница се до неговото преземање од центрите за социјална работа, а здравствените установи треба да обезбедат изјави за согласност за определена медицинска интервенција на малолетни пациентки и при нивен прием да извршат целосна идентификација на лицето кое е негов придружник (родител или старател).
– Министерството за труд и социјална политика во соработка со Министерството за здравство и други субјекти да ја разгледа можноста за воведување бесплатна телефонска линија за добивање одговори на прашања, односно совети во однос на сексуалното образование…Со цел непречена здравствена заштита на децата во Домот во Битола, препорачуваме да се унифицира начинот на заверување на здравствените книшки односно основот како доказ дека детето ги исполнува законските услови за ослободување од партиципација на здравствени услуги и непречено уживање на правото на здравствена заштита, додаде Бајрамовска – Мустафа.
Во рамки на истражувањето бил доставен прашалник до 17 клиники и општи болници во Република Македонија, чија дејност е гинеклогија и акушерство.