Османи побара финска помош за двојазичноста

687

Доаѓам во веројатно најважниот период за нашите европски интеграции, веднаш по успешната имплементација на Договорот од Преспа, што претставува историска пресвртница не само за нашата земја, туку и за целиот регион, истакна Бујар Османи на средбата со финскиот министер за Европски прашања на Само Терхо.

Тој посочи дека успехот на Македонија, да ги затвори практично сите отворени политички прашања, и да се наметне како единствена земја на Балканот, без ниту едно посериозно отворено прашање, претставува успех на европската идеја на Балканот, и ќе претставува поттик и за останатите земји во создавањето доверба кон оваа идеја.

– Тука секако мислам на дијалогот Приштина – Белград, чии успех ќе значи целосна интеграција на Балканот во рамките на евроатлантските структури, што ќе претставува значен чекор во создавањето на побезбедна, постабилна и попросперитетна Европа – истакна Османи.

Презентирајќи ја динамиката на спроведувањето на реформите од Планот 18, Османи ја потенцираше интенцијата на Владата да ги имплементира практично сите преземени обврски, создавајќи со тоа услови за чиста и беспрекорна препорака од страна на Европската Комисија, која би водела до конфирмација на одлуката за почеток на преговори од страна на Европскиот совет во јуни оваа година.

– Европската идеја на Балканот има смисла само доколку процесот добие вистинска валоризација преку конфирмација на одлуката и почеток на преговори со Македонија од страна на Европскиот совет во јуни оваа година – истакна Османи, изразувајќи надеж дека во рамките на претседателството на Финска со ЕУ, во втората половина од оваа година, Македонија и ЕУ ќе ја реализираат и првата меѓувладина седница, со што и формално ќе започнат билатералните преговори.

Имајќи ја предвид успешната примена на двојазичност во рамките на финската администрација, каде покрај финскиот, во целосна службена употреба е и шведскиот јазик, Османи побара поддршка во знаење, размена на искуство и начин на имплементација согласно потребите за усогласување на администрацијата и во Македонија со новиот закон за употреба на албанскиот јазик.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...