Споменик на Горан Стефановски ќе биде поставен спроти „Идадија“

486

Советниците на Општина Центар ја усвоија иницијативата на МАНУ за поставување на спомен обележје на драмскиот писател  Горан Стефановски, соопшти Општината.

– Спомен обележјето на Стефановски ќе се наоѓа на триаголниот парк во Дебар Маало, спроти ресторанот „Идадија“, стои во соопштението.

Советниците на седницата ја усвоија и измената на програмата за одбележување значајни настани, истакнати личности и маалски традиции со спомен обележја во Општина Центар. Со ова, се усвои и иницијативата на Македонската Академија на Науки и Уметности за поставување на спомен обележје на драмскиот писател и член на МАНУ надвор од работниот состав, Горан Стефановски.

Постарите скопјани се сеќаваат дека на само 200 метри од ова паркче се наоѓаше семејната куќа на Горан Стефановски. Куќата на Стефановски во Дебар Маало била една од првите куќи изградени таму во втората половина од 20-те години на минатиот век, кога овој простор бил само ледина.

Од оваа куќа потекнуваат и театарските режисери Ристо Стефановски (чичко на Горан) и Мирко Стефановски (татко на Горан), како и познатиот гитарист, братот на Горан, Влатко Стефановски. Симболиката на Дебар Маало и локацијата на идното спомен обележје на писателот беше животно и духовно, а особено книжевно врзана со работата и животот на Горан Стефановски.

Горан Стефановски (1952-2018) е еден од најистакнатите модерни македонски драматурзи и писатели. Стефановски, по кратко боледување почина неодмана, на 66-годишна возраст во Англија.

Стефановски, беше еден од најпознатите македонски драматурзи. Завршил Филолошки факултет во Скопје, англиски јазик и книжевност. Студирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград каде што и магистрирал на тема „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“. Со појавата на Стефановски современата македонска драма доживува голем успех, особено со неговите драми „Јане Задрогаз“, „ Диво месо “, „Лет во место“, „Хај-фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар маало“.

Стефановски е автор на телевизиските драми „Клинч“, „Сослушувањето на железничарот“ и на ТВ сериите „Тумба, тумба дивина“ и „Бушавата азбука“.

Тој е добитник на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, како и на наградата „Војдан Чернодрински“.

Стефановски беше професор на Факултетот за драмски уметности и од 2000-та година, професор на Универзитетот во Кент, Англија. Горан Стефановски е долгогодишен член на Македонскиот ПЕН Центар, Друштвото на македонските писатели и од 2004-та член на МАНУ.

Центарци, скопјани и сите почитувачи на делото на легендарниот Горан Стефановски, токму во Дебар Маало, на кого му посвети и дел од својот книжевен опус, ќе се потсетуваат на неговото дело и придонес за македонската книжевност.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...