Словенечкиот амбасадор при НАТО, Јелко Кацин, во интервју за МИА зборува за следните чекори на зачленувањето на Македонија во Алијансата, важноста на земјата за регионот и уверува дека „сѐ е договорено“ за потпишувањето на пристапниот протокол, што треба да се случи многу скоро.
Господине Кацин, прво да ве прашам дали Словенија веќе го одобри пристапниот протокол за членството на Македонија во НАТО?
– Владата на Република Словенија и парламентот одамна дадоа согласност за потпишување на пристапниот протокол, пред повеќе од десет дена тоа го најави и нашиот министер за одбрана, кој беше во посета на вашата земја. Тогаш беше кажано дека јас имам овластување. Во меѓувреме стигна и писмено овластување тоа да се потпише и го чекаме само свечениот чин на потпишување на тој документ. Тоа значи дека Република Македонија е де факто 30-та членка на сојузот, иако не одлучува, туку набљудува, и поканета е на сите важни формати на сојузот.
Можете ли да објасните конкретно што подразбира тоа учество за Македонија, за институциите, за дипломатите, итн.?
– Да бидам разбирлив: почнува секојдневната работа. Треба да се следи што се случува, да се известува Скопје за тоа за што се расправа и што одлучува северноатлантскиот совет, што се подготвува за следните седници, кој е ставот на Македонија по големите светски прашања за кои се расправа тука. Македонија не е веќе на менито, туку е на маса. И како следна, триесетта, рамноправна членка соработува и следи сѐ што се случува. Тоа е момент на вистина колку е ова и изискувачко за земјите членки, треба да се има јасен став, треба да се поддржат сојузниците, ако има двоумење на тоа треба да се обрне внимание за да се согледаат сите последици на секоја наша одлука, но од потпишувањето натаму, да бидам пластичен, Македонија е посветена да биде целосно членка на сојузот.
Значи сега веќе активно се очекува од Македонија да има став за големи светски прашања, и дали Македонија ќе може, како земја набљудувач, да го даде своето мислење или да интервенира на таа или таа тема од сега натаму, или за сега само фаќа белешки?
– Јас би предупредил на некои работи. Се работи за фаза помеѓу потпишувањето и завршувањето на процесот на ратификација во 29 земји членки. Ако сакате да влијаете врз брзината на ратификацијата имате исклучителна прилика да се докажете како де факто рамноправна сојузничка. Каде што се работи за чувствителни прашања, генералниот секретар или било која земја членка има право да побара мислење од Македонија и да ве замоли за ваш поглед. Тука можете да ја добиете таа можност. Што значи дека на секој состанок треба да се подготвите, да се усогласите да имате став за некои работи. Нема да ве „гњавиме“ за некои предизвици во Индискиот океан, но кога се работи за ситуација во непосредна близина, кога зборуваме за КФОР на пример, кога зборуваме за компликациите на Западен Балкан, мислам дека многу сојузнички, не само Словенија, со задоволство ќе го слушнат вашиот став. Ја имате таа можност да се чувствувате рамноправни.
Знаете ли кога ќе биде церемонијата на потпишување?
– Знам.
Може да ни кажете?
– Не можам, ние тука сме договорени дека постои принцип на консензус. Кога 29-те ќе се договорат, се договараат и кога ќе соопштат. Можам јасно да ви одговорам дека наскоро ќе се случи и дека сѐ е договорено.
Нема да има политички пречки во последен момент?
– Само ако вашиот министер не дојде на потпишување, тоа би било порака.
Ова е значи сега период на подготовка, и претпоставувам дека Македонија има уште работа за реформите. Кои се тука главните реформи на кои Македонија уште сериозно треба да работи?
– Секако. Не сакам отворено да зборувам за тоа. Се работи, пред сѐ, за стриктна контрола над разузнавачките служби, за полна соработка со разузнавачките служби, се работи за вклучување на Собранието во таа работа, тоа не е само владина одговорност. Тоа што го бара Сојузот базиран на потполн консензус изискува инклузивност во земјата членка. Тоа има драматично влијание врз политичката култура, врз квалитетот на демократското носење одлуки затоа што бара и опозицијата да преземе голем дел од одговорноста. Сето тоа квалитетно го надградува досегашниот систем на носење одлуки, посебно за Македонија која имаше големи тешкотии во минатото, тоа е голем поттик за зајакнување на институциите кои мора да бидат посамостојни, оперативни, независни, да реагираат во реално време.
Слободата на медиумите е суштина на демократијата и известувањето на јавноста за најтешките прашања за колективната одбрана на нашата безбедност и од друга страна солидарноста на нашата предна одбрана, нашите единици на кризни жаришта каде мораме превентивно да делуваме за да ја намалиме опасноста од инциденти, сето тоа бара полна соодговорност. Ние како постојани претставници тука во НАТО расправаме за тоа што треба да направат нашите војници, каде и да се, да бидат безбедни и да се намали на минимум опасноста од жртви. Тој заеднички страв да ги сочуваме нашите луѓе тоа мора да го развиеме, тоа е квалитетот на сојузништвото. Ние не сме само воена алијанса, ние сме и политичка алијанса на меѓусебна солидарност и одговорност и полна меѓусебна доверба. Во НАТО нема надгласувања, не гласаме во НАТО, расправаме додека не се договориме. Усогласуваме позиции, добороволно го даваме својот дел од војската, опремата, техниката и оружјето. Врз основа на сето тоа доаѓа друга работа – земја која влегла во НАТО е одговорна земја, земја во која работат институциите, во која има смисла да се инвестира, земја во која не смее да има рекет, земја во која по дефиниција мора да се спроведе борбата против корупција. Тоа е сертификат дека во таа земја треба целосно да се инвестира, не само финансиски, туку кадровски, политички, културно, сѐ.
Словенија е контакт точка амбасада за Македонија од први јануари, што значи тоа?
– Амбасадата на Република Словенија од 1 јануари ја претставува амбасадата задолжена за Македонија и да направи сѐ да ѝ помогне на Македонија од потпишувањето на протоколот на сите можни начини да помага и објаснува што и како треба да се направи за тој процес што побргу заврши. НАТО има и своја канцеларија за комуникација, liaison office, која исто така ја предводат Словенците. Словенија во двата капацитета ќе го направи своето. Шефот на делегацијата на ЕУ е исто така од Словенија. Словенија е посветена најмногу што може да ѝ помогне на Македонија. Како што ѝ помагавме на Црна Гора, имавме советник, бевме контакт амбасада, така сега тоа го правиме со Македонија и во иднина кога ќе созреат условите за друго земја од поранешна Југославија да тргне накај НАТО повторно ќе помогнеме.
Македонија во овој клучен период воопшто нема амбасадор во НАТО, а слабо стои и со човечки ресурси во ова претставништво. Дали е ова нормално?
– Не ме влечете за јазик да не испадне дека се мешам во вашите претседателски избори… Кога ќе имате претседател или претседателка, мислам дека ќе потпише документ со кој ќе се постават многу амбасадори и тогаш и вашата мисија тука во НАТО ќе добие амбасадор или амбасадорка и дека кадровски ќе се засили екипата.
Мислите дека ќе има преговори со ЕУ во јуни?
– Голем број држави разбираат дека Македонија е голем извозник на стабилност на Западниот Балкан, дека многу направила, затоа толку се трудиме тоа потпишување што побргу да се случи. За вашата јавност да види дека НАТО си го одржува зборот, да разберат и сите сојузници, но и оние земји кои не се членки на НАТО, но се членки на ЕУ, па имаат уште двоумења дали сега треба датум, за кого и како. Тоа е процес кој преку јавна дипломатија испраќа пораки колку е важно Западниот Балкан да има јасна перспектива за членство. Упорно работиме на тоа во јуни тоа да се случи, затоа правиме сѐ да оди ратификацијата што побргу, затоа сме и контакт амбасада, за во меѓувреме Македонија преку продлабочување на реформите да докаже дека не се работи само за статус на членка, туку и да придонесува и да ги поттикнува другите земји во регионот. Да ја немавме сега Македонија ќе требаше да ја измислиме. Нејзиниот најголем квалитет е што носи позитивни пораки од регионот. Држава која напредува – тој напредок треба да се препознае, да се мотивира што повеќе да направи.
Тања Милевска, МИА
(Целото интервју прочитајте го на МИА)