Составот на Антикорупциска ќе се знае следната недела

78

Вкупно 80 кандидати се пријавиле на огласот за  претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупција, а по првичното филтрирање, 58 апликации останале во процесот за избор.

Како што информира на денешната прес-конференција пратеникот од СДСМ Мухамед Зеќири, ова било утврдено на денешната прва работна средба на членовите на Комисијата за селекција на кандидати за претседател и за членови на Државната комисија за спречување на корупцијата, на која тој бил избран за претседавач со ова тело.

Тој појасни дека од вкупниот број пристигнати апликации 21 кандидат испаднале од конкуренција, а еден сам ги повлекол документите. Ова прво филтрирање било извршено врз основа на некомплетни документи или несоодветно образование.

Комисијата за селекција утре ќе ја продолжи својата работа каде ќе се направи уште еден преглед на пристигнатите апликации дали ги задоволуваат и останатите услови од конкурсот, а во сабота ќе следат интервјуа со кандидатите со комплетна документација.

– Ќе работиме секој ден, и сабота и недела, за до 6 февруари да завршиме со селекцијата на членови за Државната комисија. Очекувам дека нема да имаме разногласие во однос на изборот, бидејќи сите сакаме работата да се заврши – рече Зеќири.

Тој очекува Комисијата за селекција да ја заврши својата работа до 6 февруари за на 7 февруари седница да одржи матичната собраниска Комисија за прашања на изборите и именувањата која треба да ги потврди кандидатите, по што предлогот ќе се најде на пленарна седница.

Претходно денеска претседателот на Собранието Талат Џафери на средба со новинари изјави дека изборот на претседател и членови на Антикорупциската комисија ќе биде ставен на денвен ред на пленарна седица на 8 февруари

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...