Секоја бактерија, како и секој вирус или друг микроорганизам, може да се смртоносни, зависно од локацијата каде е предизвикана инфекцијата и на која група пациенти, затоа сега е добро прво да престане да се алармира и пишува дека оваа бактерија МРСА е смртоносна. За овој конкретен случај, изолираната бактерија е на рацете на вработен како налетна флора која секој од нас може да ја има во секојдневното живеење и работење, бидејќи со рацете допираме сѐ и сешто, вели за Плусинфо проф. д-р Каќа Поповска, раководителка на Институтот за микробиологија во Скопје.
На влегување во нејзината канцеларија, оттаму излезе санитарна инспекторка од ДСЗИ, кои будно го следат случајот со откривање на златен стафилокок на рацете кај вработен на Стоматологија, и преземаат мерки, како вонредни санитарни прегледи на сите вработени, дезинфекција на Стоматолошкиот клинички центар и друго.
Секогаш маска и ракавици на Стоматологија
Оттаму, нагласува проф. д-р Поповска, неопходно е почитување на правилата на СЗО за петте моменти на хигиена на раце кај здравствените работници, како носење ракавици и заштитни маски.
– Има прописи кога треба стерилна а кога не треба стерилна ракавица, а кога може со гола рака да се работи во лабораторија и во други сектори во здравството. На стоматологија, здравствените работници треба секогаш, при работа со пациентите, да носат маска и ракавици, која ќе ја сменат пред пациентот и да го види тоа – нагласува д-р Поповска.
Вработениот сам отишол на лекар и зел боледување
Вработениот на Стоматологија, во случајов, можел да се фати за нос, можеби ја имал бактеријата МРСА во носот па може ја собрал од носот и во тој случај може да е назален носител, а бактеријата да останала транзиторно на рацете.
– Тој самиот дошол кај нас на Микробиологија кога веќе имал некакви ранички, како гребаници и рагади на кожата на прстите на рацете и кажал дека тие не му зараснувале, па се јавил самиот да провери. Важно е што изолираната бактерија на рацете не значи дека МРСА е причинител на инфекцијата на тие ранички. Можно е тоа да е налетна флора и било која бактерија можела да е причинител на инфекцијата. Кај нас на Институтот ги гледаме бактериите, а не и пациентот, а во сите вакви случаи треба да се испита зошто раничките не зараснуваат, а за него претпоставувам се грижи матичниот лекар кој треба да каже дали е инфекција. Можеби бактеријата залутала, а може е и габична инфекција на раничките – вели проф. д-р Поповска.
На прашањето дали вработениот во текот на работата како забен техничар на Стоматологија можел да ги инфицира мобилните протези кои ги изработувал, а притоа, евентуално, и пациентите и кога бактеријата МРСА е смртоносна, таа појаснува:
– Посериозен проблем е ако златниот стафилокок, МРСА, се изолира кај хоспитализирани пациенти, и тогаш треба да се провери, како и кај овој пациент – вработениот на Стоматологија, има ли назалоноситилство, односно дали бактеријата ја има и во носот, освен знаци на инфекција на кожата. А тој може да контаминира примероци, ако не носи ракавици, а ако е со рагади како што е во овој случај, техничарот и не би смеел да работи, бидејќи кога е кожата со ранички, никој не смее да работи бидејќи тоа претставува ризик и за него и за пациентите. Сѐ додека не му зараснат раничките на рацете и не се санира севкупната здравствена состојба, овој вработен не смее да се врати на работа – додава д-р Поповска.
Таа појаснува дека ако ја има бактеријата и во носот, тој може да ја пренесе на друг и тоа на пример, при ракување ако пред тоа го фати носот па потоа се ракува со друго лице.
– Наодот на МРСА е од рацете на вработениот, а интересно е што оваа бактерија не живее на кожата на рацете и таму набрзо ќе угине, ќе ја снема, а ако се задржала и на рагадите тогаш може да направи инфекција. Но најчесто кога е на рацете, инфекцијата е транзиторна. За паниката која се крена во јавноста, најдобро е кога има вакви случаи стручни лица да објаснуваат, за да не се создава непотребен страв и вознемиреност во јавноста, а нестручни лица да не ги толкуваат ваквите случаи. Добро е што вработениот самиот си преземал мерки, си зел и боледување и многу добро постапил – вели проф. д-р Поповска.
На Стоматологија постои и Комисија за интрахоспитални инфекции која, нагласуваат микробиолозите, исто така треба да има увид во случајот и да го канализира.