Tриесеттина универзитетски професори и јавни личности ја поддржуваат идејата професорката Гордана Силјановска да стане кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседателка на државата. Професорката има поддршка и во врвовите на партијата, а лидерот Христијан Мицкоски засега ги фали двете познати номинации – нејзината и таа на партискиот маратонец Влатко Ѓорчев.
Па сепак, наспроти ова, Плусинфо дознава дека професорката Силјановска сериозно размислува дали да влезе во трка, бидејќи околностите се различни во споредба со периодот кога сегашниот претседател Ѓорге Иванов беше номиниран на сличен начин, со поддршка на професори и јавни личности.
– Неспорно е дека позициите на Силјановска и политиките на ВМРО-ДПМНЕ се поклопуваат и дека поддршката што ја добива не е за потценување. Но, околностите сепак се различни. Своевремено, Иванов доби директна поддршка од неспорниот партиски лидер Никола Груевски. Во случајов, би рекол оправдано, Мицкоски е неутрален. Барем јавно. Од друга страна, многу полесно беше да се биде претседателски кандидат на победничка партија, на партија која не само што е на власт, туку е и во подем. Сега во таква позиција, за жал, е СДСМ. Големо прашање е дали Силјановска би имала желба да влезе во трка во која веројатноста да изгуби е голема – вели нашиот извор, пратеник од оваа партија, кој сѐ уште се нема изјаснето чија кандидатура ќе поддржи, со цел, како што вели самиот, никому да не нанесе штета.
Не е за потценување и фактот дека Силјановска беше во политиката во деведесеттите години, а нејзината кариера беше со променлив успех.
– Извори на „Независен“, на пример, велат дека со инсистирањето на непартиски кандидати за највисоки државни функции, се ставаат во привилегирана положба личности кои во критични политички моменти биле на дистанца и не учествувале директно во спроведувањето на одредени партиски политики и со самото тоа се помалку извалкани од партиските кадри. Тоа, додуша, не може да ѝ се замери на Силјановска, која за многу политички прашања настапуваше јавно. Но сепак, по пропаѓањето на идејата за консензуален кандидат на партиите од власта, јасно е дека СДСМ ќе настапи со тврд партиски кандидат и уште појасно е дека СДСМ и ДУИ имаат договор за меѓусебна поддршка за вториот круг на изборите, ако до него дојде. Да го парафразирам Заев, СДСМ ќе обуе челични опинци за да победи. Тоа сериозно ги намалува шансите на Силјановска за успех, без оглед на нејзините квалитети – вели нашиот извор.
Конечно, додава тој, ВМРО-ДПМНЕ во овие избори треба да гледа шанса не само за победа (исходот, според нашиот извор од таа партија, ќе биде неизвесен), туку и за консолидација на најможната опозициска партија. Таа цел, сепак, не се поклопува со приоритетите на Силјановска, која никогаш не била цврст партиски кадар, ниту амбицирана да се позиционира во партиските структури.
– Сепак, на Силјановска е да одлучи. Нејзината одлука треба да се прифати како таква, бидејќи кога одлучуваат за вакви работи, луѓето мора да ги проценат и своите лични капацитети и можности да се посветат на една беспоштедна битка со неизвесен исход, која знае да биде исцрпувачка во секој поглед – вели нашиот извор.