За да може Обвинителатвото за гонење на организиран криминал и корупција да постапува по предметите кои сега во надлежност на СЈО, специјалните обвинители треба да им ги предадат бидејќи според постоечкиот закон за СЈО, другите обвинителства не може да им ги преземат сами, смета Вилма Русковска, шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Според неа, и нејзиното обвинителство би можело да ги користи „бомбите“.
– Ако се сеќавате кога тие снимки беа предложени како доказ од СЈО Кривичниот суд ги одби, но Апелација одлучи тие да станат докази во предметите. Нема зошто таа одлука да не важи и во случај ние да ги преземеме предметите. Сите сме обвинители. Тоа е мое мислење, ако ни ги предадат предметите ќе видиме што ќе се случи – вели Русковска.
Инаку, дел од предметите кои се во рацете на специјалните обвинители, СЈО ги преземаше од редовните обвинителства бидејќи во „бомбите“ имаше разговори врз основа на кои тимот на Катица Јанева воспостави надлежност. Еден од нив е „Талир“, кој се однесува на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ за кој СЈО покрена обвинение овој месец.
Меѓутоа, вчера Врховниот суд донесе правно мислење со кое смета дека СЈО не смее да покренува обвиненија и да отвора и запира истраги по истекот на рокот од 18 месеци од денот кога СДСМ им ги предаде „бомбите“. Тој рок истече на 1 јули 2017, меѓутоа ставот на СЈО беше дека рокот за предметите како што е случајот со „Талир“, истекува 18 месеци откако тие го презеле предметот од редовното обвинителство.