Затворски казни за 16 обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста и на еден за помагање, побара обвинителката Вилма Русковска денеска во завршните зборови.
Минималната казна предвидена со закон е 10 години. Русковска за медиумите рече дека е убедена оти обвинетите се виновни, но судот треба да ја донесе конечната одлука. Во судница, пак, таа рече дека Обвинителството докажало дека на 27 април е извршен организиран насилен напад врз една од најважните институции во Република Македонија, дека докажало оти ова не бил спонтан напад и не бил резултат на зовриени емоции кои резултирале со неконтролиран резултат.
– Обвинителството докажа дека ова беше со умисла планиран и спроведен напад од тие кои денеска седат во судница, но и од оние кои благодарение на амнестијата не се во судница. Доказите потврдија дека дејствијата се планирани и последователни. Обвинителството докажа дека овој случај не претставува политички прогон и не е резултат на политички реваншизам. Целта е единствено спроведување на законот затоа што во текот на постапката видовме само акти на насилство. Изведените докази покажаа дека сакале да спречат избор на претседател на Собранието и оти го загрозиле животот на пратениците, новинарите, вработените во собраниските служби, што кај сите нас граѓаните на оваа држава предизвика несигурност и страв – рече Русковска.
Некои од адвокатите, посочи таа, ќе наведат дека целта не била да се спречи избор на претседател затоа што тој бил избран кога масата влегла и оти упадот е спонтан.
– Но, судот треба да има предвид две работи. Прво, дека кога масата ја прескокнува оградата и тргнува, ова не го знае, иницијална капсула било пеењето на албанската химна. Второ, за некој да стане претседател на Собрание одлуката мора да биде објавена во Службен весник… За сето време додека постапував не можев да се оттргнам од тоа дека биле организирани и затоа очекувам и организаторите да застанат во оваа судница – порача Русковска.
Подоцна во изјава за медиумите за тоа до каде е предистрагата за организаторите, таа рече дека очекува наскоро да издаде наредба за отворање на истрага. Дали и Никола Груевски ќе биде во истрагата меѓу организаторите со оглед на тоа што го спомна во завршните зборови, Русковска и порача на јавноста да се стрпи бидејќи, како што спомена претходно, очекува наскоро да се отвори истрага и да се дознае кои се. По дадените завршни зборови на обвинителката, од понеделник истото ќе го направат и адвокатите и обвинетите.
Завршните зборови, обвинителката ги даде пред преполовена обвинителна клупа бидејќи 15 обвинети од вкупно 33 се спасија со Законот за амнестија кој пред Нова година го донесоа пратениците во Собранието. Обвинети останаа само 17. Од нив 12 бараа амнестија, но не добија: Горан Јошевски – Леви, Александар Василевски-Нинџа, Горанче Ангеловски – Ќосето, Никола Митревски – Кољо, Абдуљфета Алими, Митко Пешов, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Младен Додевски, Вилијам Михајловски, Влатко Трајков и Оливер Поповски. Другите петмина, пак, воопшто и не побараа да бидат амнестирани: Игор Дурловски, Митко Чавков, Душко Лазаров, Јане Ченто и Игор Југ.
Во овој предмет обвинет е и Сашо Марковски, вработен во УБК, но на него му се суди во одделна постапка бидејќи во текот на судскиот процес му се влоши здравствената состојба. Тој бараше амнестија, но не доби. Инаку, меѓу 15-мината кои добија амнестија се пратениците: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски; водачите на протестите „За заедничка Македонија“: Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен и Владо Јовановски; како и: Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.