Заштитениот сведок кажал дека Чавков го организирал 27 април по директива на Груевски

931

Обвинението за 27 април останува исто, односно за сите 16 неамнестирани ќе се бара осудителна пресуда за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а за еден за помагање на истото дело.

Обвинителката Вилма Русковска во своите завршни зборови денеска се осврна на доказите и изјавите на сведоците за сите обвинети поединечно. Таа почна од Митко Чавков за кого рече дека заштитениот сведок рекол оти Чавков и Јане Ченто биле во постојана комуникација. Ченто заедно со Александар Василевски Нинџа, рече Русковска повикувајќи се на исказот на заштитениот сведок, по 27 април 2017 година биле на состанок со Чавков на кого му биле лути оти тој директно ги организирал, а по директива на Никола Груевски.

– За на крај сведокот С1 да изјави дека зад организацијата на 27 април стои Никола Груевски – рече Русковска.

Обвинителката рече и дека кога Чавков добил порака оти е планиран избор на претседател во Собранието, истата му ја препратил на Груевски. Русковска се осврна и на другите сведочења и докази за Чавков кои јавноста можеше да ги слушне во текот на судскиот процес. Ги спомена и тогашниот технички министер Агим Нухиу кој го барал Чавков, но не можел да го добие одреден период. Русковска рече дека Чавков дал наредба на терен да излезат сите полицајци кои се во базата, но не биле доволно, а не дал навремена наредба да бидат повикани специјалните единици иако им се потребни најмалку 45 минути да се мобилизираат и да дојдат на работа.

– Чавков воопшто немал наредба да издаде навремена наредба за ангажирање на дополнителни сили – рече меѓу другото Русковска.

За неговиот мобилен телефон таа рече дека бил лоциран на базните станици ВМРО и Алмако.

Обвинителката потоа продолжи со завршните зборови и за останатите вработени во МВР кои имале команди или биле дежурни во оперативниот штаб на 27 април, како и за останатите обвинети. Пред да почне да се осврнува на секој обвинет поединечно, Русковска рече дека се случиле многу работи откако започна судењето до сега до завршните зборови.

– Многу работи се случија внатре во судницата и надвор од неа. Кога велам внатре мислам на сведочењата на неколку сведоци. Предизвикаа чувство на горчина, но и срам затоа што таа траума ја преживеале во највисокото тело во државата, законодавниот дом. Кога кажав надвор од судницата мислев на Законот за амнестија. Закон кој изврши големо влијание поради чувството на неказнивост кое се создава. Уште една горчина која ја доживеав, не само како обвинител туку и како граѓанин на оваа држава. Меѓутоа, на судот не треба да влијае тоа што некој се соочува со казна затвор од минимум 10 години, а некој е амнестиран. Единствено нешто што може да влијае се фактите и доказите – рече Русковска.

Пред да започне излагањето на Русковска, нејзината колешка Ивана Трајчевска уште еднаш го прочита обвинителниот акт во кој е опишано што правеле и обвинетите и амнестираните на 27 април 2017 година.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...