Филмот „Бикини Мун“ од вечер пред македонската публика

138

Во кино „Милениум“ вечер од 20 часот скопска премиера ќе има петтиот игран филм на Милчо Манчевски – американскиот „Бикини Мун“ кој македонскиот режисер во целост го сними во Њујорк со меѓународна екипа.

По првата, филмот вечер ќе има уште една проекција – од 22 часот, а од утре ќе биде на редовниот репертоар на киното, од 20 и од 22 часот.

„Бикини Мун“ е современа трагедија за жена (улогата ја игра актерката Кондола Рашад), која била војник во Ирак и по враќањето живее како бездомник на улица во Њујорк, и затоа што е ментално нестабилна, и ја одзеле ќерката.

– Нејзиниот поглед на стварноста, затоа што е ментално нестабилна, затоа што е повратник, е одлична порта во испитувањето на она што не интересира во овој филм, а тоа е нашиот однос кон вистината и тоа како медиумите, во случајот документарниот филм, ја менуваат вистината за која известуваат, рече Манчевски на прес-конференција.

Светската премиера на филмот беше на фестивалот во Сао Пауло, Бразил, а американската на Синеквест фестивал во Сан Хозе, Калифорнија. На 38. Меѓународен филмски фестивал „Фантаспорто“ во Порто филмот ја освои специјалната награда од жирито.

Ќе биде прикажан и на фестивалите во Сарасота во Флорида, во Истанбул, има покана за  Филмскиот фестивал Менхетен во Њујорк, во Франкфурт и Нешвил во мај.

Во главните улоги се и Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис. Директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин. Покрај режисерот Манчевски, во процесот на создавање на филмот од Македонија учествуваа и композиторот на музиката Игор Василев Новоградска и дизајнерот на визуелни ефекти Мишо Ристов. 

Пред проекциите на „Бикини Мун“ во „Милениум“ ќе се прикажува и петминутниот експериментален филм на Манчевски „Крајот на времето“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...