СЈО на колена!

4843

Во ниту еден висок судски орган во Македонија не може да се донесе одлука, без дискусија, во размер на гласовите 17:2, а таа претходно да не е договорена од страна на политиката. Тоа е случај и со одлуката на Врховниот суд на Република (наскоро, Северна) Македонија со која во голем дел се дезавуира работата на СЈО. И да не ве лажат скандализираните партиски и други соопштенија кои ќе следуваат.

Таквата одлука на Врховен е постигната во „содејство“ меѓу Заев, Ахмети и одредени фракции и поединци во ВМРО-ДПМНЕ (не и Мицкоски) кои имаат сложени тековни односи со овдешниот обид за воспоставување правна држава. Оваа одлука на Врховниот суд е еден од последните потези во низа со кои СЈО се фрла на колена – со две третини од обвинителското портфолио кое сега ќе стане бесмислено – за да се оствари здружениот проект за амнестирање на цела една криминална структура од бившиот режим на Груевски која учествуваше во овозможувањето на процесот за зачленување на Македонија во НАТО. Ова се последните гнасни наслаги од тој процес кои сега се „цедат“ низ валканото сито на тој процес. Сосема прилега што таа работа му е оставена оперативно да ја заврши Јово Вангелов, викан „Јово превара“.

Тој процес сè уште не е комплетиран: недостасува уште враќањето на Груевски во земјава. И тоа ќе се случи, иако веројатно ќе треба да причекаме да се завршат овие избори. На крајот ќе се испостави дека Груевски никогаш и не ја напуштил Македонија, бидејќи за тоа докази нема. За да се најдат, ќе имаше и истрага за бегството. Ниту истрага се води, ниту ќе има некаков извештај од тоа. Ќе се испостави дека Грујо целото ова време, всушност, спиел кај некоја комшика во соседниот влез на зградата и дека медиумите ја измислиле целата афера. Не е исклучено тоа да ни го соопшти владината служба за односи со јавност. Со закана за тужби против сите медиуми кои ќе го тврдат спротивното.

Бидејќи е јасен интересот за оваа валкана операција на осудените и осомничени криминалци, зошто му треба сето ова на Заев? … Мислам дека одговорот е содржан во онаа негова прочуена изјава: „Никој мене не ме праша како од 49 пратеници по изборите стигнав до потребното двотретинско мнозинство во Собранието.“ Кому ваквото објаснување не му е доволно има проблем за кој помош му нема.

Општествените последици од ваквиот развој на настаните се стравични. Како што споро се „цеди“ договорениот дил меѓу старата и новата власт (со ДУИ како амалгам за подобро зацврстување на договореното), така споро се губи смислата на политичкиот и, воопшто, граѓанскиот ангажман во Македонија. Прашање е со што ќе се наполни создадениот вакуум, испразнет од надеж и големата нужда за промени?

„Има разлика!“? Па, скоро и да нема.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...