Заев – Курц: Договорот од Преспа придонесува за регионална стабилност и соработка

93

Премиерот Зоран Заев и канцеларот на Австрија Себастијан Курц се согласија дека Република Македонија, односно наскоро Република Северна Македонија, и Република Австрија негуваат одлични билатерални односи и на политички и на економски план, соопшти владината прес-служба за денешната работна посета на Заев на Виена.

На средбата Заев му се заблагодари на својот австриски колега за континуираната поддршка којашто ја добива Република Македонија од Република Австрија години наназад. Истакнувајќи ја посветеноста на земјата за имплементација на договорот од Преспа, Заев посочи дека истовремено Република Македонија е силно насочена кон спроведување реформи во повеќе области.

Од своја страна, канцеларот на Република Австрија Себастијан Курц ја поздрави храброста на премиерот Заев, но и на целата земја за потпишување на Преспанскиот договор. Тоа, како што рече канцеларот Курц е најдобрата вест за регионот, но и за цела Европа. Истовремено, канцеларот Курц посочи дека за Република Австрија од стратешки интерес е регионот на Западен Балкан што поскоро да се интегрира во Европската Унија, соопшти прес-службата на Владата.

По билатералната средба премиерот Заев и канцеларот Курц одржаа заедничка прес-конференција, на која Заев посочи дека Австрија е еден од најголемите пријатели на Република Македонија и на економски план, бидејќи е еден од најголемите инвеститори. Како што истакна премиерот, во земјава во моментов работат 45 австриски компании.

– Во исто време, континуирано расте и обемот на трговската размена помеѓу Република Македонија и Република Австрија, од 60 отсто во 2018 година, во споредба со 2017. Австриските компании се чувствуваат добредојдени во Република Македонија, имаат одлични услови за бизнис, ја чувствуваат позитивната атмосфера и охрабрени се да ја продолжат соработката со нас и уште повеќе да инвестираат – истакна Заев.

На прес-конференцијата тој ги повтори и процесите коишто завршија во изминатиов период, односно усвојување на Уставните амандмани во Република Македонија, како и ратификацијата на договорот од Преспа во грчкиот Парламент.

Во таа насока, премиерот истакна дека договорот од Преспа придонесува за регионална стабилност и соработка. Но, и дека е пример како може да се надминуваат некои идни билатерални отворени прашања или проблеми.

– По цели 27 години од независноста на Република Македонија, таа повеќе нема да биде нарекувана Поранешна Југословенска Република, туку Република Северна Македонија. Ова е историска шанса да создадеме уште посветла иднина за нас и за нашите граѓани и да ги отстраниме сите пречки за членство во двата големи сојузи, НАТО и ЕУ. Уште во текот на следниот месец очекуваме да седнеме на 30-тото столче во НАТО, најсилниот политички и воен сојуз во светот. А најдоцна до средината на следната година да станеме и полноправна членка – истакна премиерот Заев на заедничката прес-конференција со австрискиот канцелар Курц.

Како што информира владината прес-служба, на заедничката прес-конференција австрискиот канцелар Курц истакна дека на средбата со премиерот Заев разговарале за можностите за зголемување на соработката во областа на економијата, енергетиката, здравството, но и во други области од индустријата.

– Ова беше одлична можност да разговараме за конкретни проекти. Во брза иднина се надевам дека ќе можеме и да ги реализираме. Австрија ќе остане на страната на Република Македонија, но и на страната на целиот регион на Западен Балкан, бидејќи географски Европската Унија ќе биде целосна само со членството на Западен Балкан во неа – истакна канцеларот Курц, кој на Заев му го честиташе решавањето на речиси тридеценискиот спор за името со Република Грција.

Во владината делегација беа и  вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи и министрите за финансии  и за здравство, Драган Тевдовски и Венко Филипче

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...