Со 53 гласа „за“, два „воздржани“ и ниту еден „против“, пратениците во Собранието ги излагасаа дополнувањата на Законот за пратеници со кои на бегалецот Никола Груевски ќе му се укине пратеничката плата.
– Еден од воздржаните сум јас бидејќи не сум убеден за решението на законот и затоа сум воздржан – рече претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Според измените, на секој пратеник кој е осуден и ќе биде осуден правосилно со затворска казна подолга од шест месеци го губи правото на плата.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски, се спротивстави на ова законско решение бидејќи рече дека е противуставно.
– Сакам да гласам дека овој закон е противуставен. Според устав, пратениците уживаат имунитет, пратеникот не може да биде повикан на кривична одговорност за тоа што ќе го каже во Собрание или за тоа како ќе гласа и во уставот пишува дека пратеникот има право на надомест. Или си пратеник и имаш право на ова или ако сметаме дека не треба да зема надомест да го промениме прво Уставот… Ако 6 месеци некој отсуствува постои процедура, Комисијата за мандатно-имунитетни прашања може да заседава и да го земе мандатот и со тоа пратеникот ќе го изгуби правото на надомест. Ито така, предвидено е намалување на платата ако неоправдано отсуствува. Има механизми како да се влијае на работата на пратеникот. Ова е неуставно, но вие си продолжувате да си терате политика на покажување моќ – рече Илиоски.
На него му реплицираше пратеничката Соња Мираковска која е една од потписничките на предлогот.
– Вие тврдите дека е противуставен, но не ја прочитавте до крај реченицата од уставот која вели: „пратеникот има право на надомест утврден со закон“. Ако сте вие во право тогаш во уставот ќе стои само „пратеникот има право на надомест“ и точка. Нема да упатува на закон – рече Мираковска.