Десет лица заболени со свински грип

260

Министерството за здравство информира дека е намален бројот на заболени лица од сезонски груп, во однос на овој период минатата година.

Mинатата недела биле регистрирани вкупно 535 лица со грип, а оваа недела се регистрирани 20 отсто повеќе или 643 новозаболени со грип и заболувања слични на грип.

Во Институтот за јавно здравје се пристигнати 19 примероци за лабораториски испитувања, од кои 12 се позитивни на грип. Станува збор за 10 лица со тип А (Х1Н1), односно пандемски грип и две со А (Х3Н2) грип.

Вакцината против грип штити од двата типа вируси и таа сѐ уште е достапна во  Центрите за јавно здравје во Македонија.

Д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје вели дека на почетокот на сезоната за грип нема загрижувачи бројки на заболени.

– Во споредба со другите години оваа сезона се одликува со побавен старт на грипот, иако очекуваме зголемување на бројот на случаи. Високиот процент на позитивни резултати укажува дека сепак вирусот на грип е присутен и циркулира во земјава. Но, реално нема место за вознемиреност кај населението. Препораките се дека заболените од грип треба да останат дома и да примат терапија исклучиво по препорака на лекар и самостојно да не земаат антибиотици. Доколку хронично болните лица имаат симптоми на грип, задолжително да се советуваат кај матичните лекари – вели доктор Микиќ.

Министерството за здравство информира дека има доволно количини од лекот „тамифлу“, со кој се третираат заболените и има доволно капацитети за хоспитализирање на лицата со евентуални компликации од грипот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...