Ако покренеме обвинение, ќе докажеме дека обвинетите во случајот „Попис“ го сториле кривичното дело со кое го оштетиле државниот буџет за околу три милиони евра, рече во вечерашната „24 Анализа“ специјалната обвинителка Катица Јанева.
Јанева нагласи дека не се побарани мерки против Ахмети и Груевски. За секој обвинет, поединечно, ќе се пристапува во однос на мерките.
– Во оваа фаза сметам дека е доволно само да бидат под истрага – потенцира обвинителката.
Првите снимки за „Попис“ се најдени кон крајот на 2016 година, а се заокружија, како што нагласи Јанева, во овој период.
– Со собирање на сите доказни материјали, денеска и официјално ја отворивме истрагата. Процедурата налага да се соберат сите докази, по што сме должни да ги дадеме на одбраната која во рок од 15 дена има право да побара да се истражи уште некој потребен дел и потоа се донесува јавно-обвинтелска одлука – објасни Јанева.
Таа се осврна и на другите два случаја што ги отвори СЈО, „Актор“ и „Моќник“, и кои денеска беа презентирани пред јавноста.
Во прислушуваните разговори има многу приватни разговори кои се одвојуваат. На нив многу внимаваме и тие се моја работа, вели специјалната обвинителка и додава дека ако се случи некој разговор од просториите на СЈО да излезе во јавност, таа точно знае кој и кога од тимот на обвинители го слушал и бил задолжен за тој разговор.
Јанева вели дека и таа како граѓанин се прашува дали е сигурна додека разговара, како и тоа дали постојат снимки надвор од Македонија и апелираше дека доколку некој поседува прислушувани разговори, да ги достави до СЈО.