Забен техничар на Универзитетскиот Стоматолошкиот клинички центар „Свети Пантелејмон“ во Скопје, е заразен со опасната бактерија МРСА, поради што сите вработени денеска се на вонредни санитарни прегледи.
Дознаваме дека вработениот кај кого е откриена опасната, смртоносна бактерија отпорна на антибиотици, е од одделот за мобилна протетика.
Како што објавивме, а веста прв ја пренесе порталот Република, ЈЗУ Универзитетски стоматолошки клинички центар „Свети Пантелејмон“ Скопје, уверува дека е безбеден за пациентите и дека нема опасност од зараза со МРСА, иако еден вработен е заболен од таа бактерија.
Не се открива како вработениот бил заразен со МРСА, дали претходно имал некој оперативен зафат, при што може да се случи инфицирање со оваа бактерија.
Најрано за 48 часа може да се очекува да бидат готови првичните резултати од микробиолошки испитувања од денешните вонредни прегледи на вработените на Стоматологија, кои треба да откријат дали можеби и уште некој друг е заразен од оваа бактерија.
МРСА се пренесува на чувствителни лица преку рацете на лицата кои имале контакт со асимптоматскиот клицоносител или инфицираниот болен, односно преку неговите телесни секрети.
Важно да се напомене е дека МРСА не е штетна за здравите луѓе, но доколку има бебе во семејството, или некој со потешка болест или со отворена рана, тогаш тие лица мора да се заштитат, бидејќи се многу чувствителни на МРСА и можат да заболат од тешката инфекција.