Повеќе од 26.000 прекршоци за непрописно паркирање лани во Скопје

82

Повеќе од 26.000 прекршоци по основа на непрописно паркирање имало лани во Скопје, беше кажано на денешната промоција на едукативниот проект за безбедност во сообраќајот „Паркирај совесно“ кој го реализираат Министерството за внатрешни работи, Град Скопје, Општина Центар, како и Јавните претпријатија „Паркинзи на општина Центар“ и „Градски паркинг“.

Едуцирање на учениците од трета година во средните училишта во Скопје, како најмлади идни активни учесници во сообраќајот, за правилно и прописно паркирање, развивање на сообраќајна култура и свест за безбедно однесување во сообраќајот, како и стекнување на основни предзнаења за сообраќајот, се целите на овој проект.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека со цел да бидат поагилни во делот на превенцијата, полицијата во изминатата година драстично ги интезивирала активностите во делот на надлежностите, во однос на откривање и санкционирање на сообраќајните прекршоци.

– Во контекст на проектот „Паркирај совесно“ сакам да истакнам дека во текот на минатата 2018 година, на подрачјето на главниот град Скопје, беа откриени над 26.000 прекршоци по основа на непрописно паркирање. Решавањето на проблемот со непрописно паркираните возила е особено важно за да се зголеми безбедноста на пешаците и велосипедистите чии што простори за движење се узурпирани од непрописно паркирани возила – посочи Спасовски.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов наведе дека подолг временски период градот се соочува со сериозен недостиг на обележани паркинг места и статистиките покажуваат дека во Скопје има девет до десет возила на едно обележано паркинг место.

– Како и проблемот со аерозагадувањето, овој проблем не може да добие моментално решение, имајќи го предвид дефицитот на обележани места и е предмет и на анализа и на една посериозна обработка, а паралелно со ова ние како Град во текот на изминатава година се обидуваме да го дестимулираме автомобилскиот сообраќај со воведување на малку поатрактивни содржини и зголемување на можностите кај граѓаните на Градот за алтернативен вид јавен транспорт – рече Шилегов.

Тој додаде дека заедно со МВР сметаат дека Градот Скопје треба да воведе комунална полиција, за да може во целост да одговорат на обврските.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...