Институт за дефектологија: Зошто МОН не исклучи од програмата за инклузивно образование?

640

Институтот за дефектологија при Филозофскиот факултет во Скопје како единствена акредитирана високообразовна институција во нашата држава која едуцира кадар за оваа проблематика, треба да биде носител на сите активности поврзани со инклузијата на учениците со пречки во развојот. Ова е дел од реакцијата на професорите од Институтот за дефектологија на меморандумот за подобрување на квалитетот на инклузивното образование кој завчера го потпишаа Министерството за образование и наука и Сојузот на дефектолози на Република Македонија. Реакцијата ја поддржа и деканот на Филозофски факултет, проф. д-р Ратко Дуев, а е доставена до МОН и до Владата.

– Во изминатите неколку месеци интензивно се работеше на сеопфатната стратегија за образование чија инклузивност ја подржува Институт за дефектологија. За жал, Министерството за образование нема вклучено ниту еден наставник од овој институт во работните групи. Експертската помош од наставниците од Институт за дефектологија може да биде од особена важност при внесувањена промените во легислативата за основно и средно образование. Долгогодишното искуство во полето на инклузивното образование ќе придонесе за носење најдобри законски решенија кои ќе овозможат имплементирање добар македонски инклузивен образовен модел – вели доц. д-р Наташа Станојковска-Трајковска, раководител на Институтот за дефектологија.

Институтот за дефектологија вчера одржа вонредна седница на која констатирале дека потпишаниот меморандум за соработка за подобрување на квалитетот на инклузивното образование го исклучува Институтот за дефектологија од предвидените активности.

„Институтот како единствена акредитирана високообразовна институција (за прв, втор и трет циклус) во нашата држава која едуцира кадар за оваа проблематика, смета дека треба да биде носител на сите активности поврзани со инклузијата на учениците со пречки во развојот“, пишува во реакцијата.

Тие велат дека наставниците на Институтот за дефектологија уште од 1998 година се вклучени во креирање на инклузивната култура, политика и практика со изготвување на Прирачник за инклузија на децата со посебни потреби во редовните училишта во Република Македонија, преку проект на УНИЦЕФ и Бирото за развој на образованието, поддржан од Министерството за образование и наука. Од 2006 до 2010 година наставниците од Институтот биле провајдери на проектот Модернизација во образованието, на тема „Работа во училница со ученици со посебни потреби“.

„Исто така, во 2013 година, на нашиот Институт почнаа и постдипломските студии за инклузивно образование на учениците со пречки во развојот. Како акредитирана високообразовна инстиуција, членовите на институтот се изготвувачи и реализатори на предметната програма по инклузивно образование во рамките на иницијалното образование на наставниците при Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје уште од 2007 година. Наставниот кадар од институтот учествувал во голем број меѓународни и национални проекти од областа на инклузивното образование и автори се на повеќе трудови објавени во меѓународни списанија од оваа област. Ве молиме да ги земете предвид сите досегашни активности и континуираната заложба на професорите од Институтот за дефектологија за квалитетно инклузивно образование и во исто време бараме институтот да биде носител на сите предвидени активности за учениците со пречки во развојот“, пишува во реакцијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...