Уапсениот за убиството на Милош сега го негира злосторството

2291
ФОТО: Фејсбук / Курир.рс

Неџељко Ѓуровиќ, кој претходно во полиција наводно признал дека го убил студентот Милош кој случајно го сретнал на улица, сега го негирал злосторството и тврдел оти е жртва на напад, пренесува „Курир.рс“.

Според изворот на медиумот, во Обвинителството тој рекол дека не знае ништо за убиството, се обидел да се претстави себеси како жртва, а бил и весен и насмеан.

– Ѓуровиќ е висок и крупен и прво не сакаше да им дозволи на полицајците да му стават лисици на рацете. Штом го совладаа, тој стана весел, расположен и насмеан – тврдел изворот.

Тој додал дека додека го носеле, Ѓуровиќ дури и одел како да игра.

– Делуваше како во главата да слуша музика, така и одеше, односно играше – рекол изворот.

Ѓуровиќ наводно рекол дека „не го убил Милош, не е виновен и нема никаква врска со злосторството“.

Тој објаснил оти гледал филм и излегол од станот бидејќи останал без цигари.

– Одеднаш бев нападнат од група момчиња, без никаква причина. Едвај успеав да им побегнам – наводно изјавил Ѓуровиќ.

Меѓутоа, како што пренесе медиумот, тој по апсењето признал дека без никаква причина го убил синот на познатиот хирург, кој претходно никогаш го немал видено.

– По сослушувањето, Обвинителството предложи да се провери дали Ѓуровиќ е психички здрава личност – додал изворот за медиумот.

Навивачите на Партизан бараат правда за Милош

На Инстаграм профил била објавена фотографија од Неџељко со објаснување дека станува збор за „монструм кој го убил Милош, навивач на Партизан, студент и добро воспитан“.

– Милош настрада бидејќи прв налета на овој болен наркоман кој бил незадоволен од сопствениот живот и кој поради тоа одлучил да го убие првиот на кој наиде. Активирајте се за монструмот да добие доживотна робија, што за вакво злосторство е адекватна казна – бил написот на Инстаграм.

Насилство во семејството, ја претепал мајка си

Иако на социјалните мрежи многумина кои го познавале Неџељко напишале дека се во шок поради убиството бидејќи тој бил „фин и ненасилен“, „Курир.рс“ дошол до информации оти тој им бил добро познат на истражните органи во својот град.

– Судот во Пожаревац му забрани да се доближува до сопствената мајка бидејќи ја тепал. Таа мерка била на сила и додека тој го извршил злосторството во Белград, а наводно и на многу соседи им е познат по насилното однесување – рекол извор за медиумот.

Адвокатот на Ѓуровиќ: Нема докази дека тој е убиецот

Адвокатот Јован Станојевиќ изјавил дека неговиот клиент не извршил никакво убиство.

– Тој не го призна убиството. Тој рече дека излегол да прошета и да си купи цигари. Убиениот не го познава и никогаш го нема видено. Мојот клиент никогаш не бил на таа улица. Од друга страна, нема ниту еден доказ дека тој го извршил делото. Постојат други докази, до кои полицајците дошле на недозволен начин, за кој барав да бидат издвоени. Се друго што нам ни е претставено како валидно, не покажува на тоа дека тој го убил студентот – рекол адвокатот.

Тој коментирал и за изјавата на Ѓуровиќ во која тој го признал убиството во полиција, наведувајќи оти секоја изјава на обвинет која се зема без присуство на адвокат, е неважечка.

Што велат експерти?

Криминилогот Добривоје Радовановиќ сметал дека социјалните мрежи можеле да го испровоцираат Ѓуровиќ монструозно да го убие студентот.

– Првата важна претпоставка е дека тој е веројатно тежок психопат, бидејќи такви елементи се видливи во начинот на кој е извршено убиството, но се гледаат и во неговото секојдневно однесување, па и во облеката. Друга претпоставка е дека социјалните мрежи пружаат извонреден простор на луѓето од лабилна структура и психопатите реагираат на замислени или вистински социјални неправди и да се осветат на личности кои не ги познаваат – појаснил тој.

Криминологот, коментирајќи ја изјавата на таткото на уапсениот дека тој на Фејсбук и Твитер поминувал многу време, рекол дека таму има содржина која може да испровоцира.

– Коментарите може да испровоцираат личности кои имаат високо ниво на психопатија, нарцизам и агресивност. Тоа е како да сте направиле реалити. Социјалните мрежи ја користат целата негативна енергија која можат да ја искористат и со тоа може да предизвикаат вакви случаи – додал Радовановиќ.

Според психотерапевтот Зоран Миливојевиќ социјалните мрежи не се живот, но за некои луѓе тие претставуваат замена за животот.

– Мислам дека уапсениот се чувствувал неуспешно и безвредно, па одлучил да биде важен во нечиј живот макар на тој начин што ќе го убие. Веројатно размислувал „ако ти го одземам животот, јас ќе станам најважна личност во твојот свет“. Луѓето кои немаат изграден живот, љубов, пријатели, работа, може да почнат да градат идентитет на социјалните мрежи. Можно е да паднат во депресија подоцна, да се чувствуваат безвредно, да почнат да се споредуваат со други. Со тоа најчесто се ослободуваат така што плачат и се разочаруваат, но многу ретко на овој начин – рекол Миливојевиќ.

Девојката на убиениот Милош го погребала и претходното момче

Еден од пријателите на убиенот од основно училиште кажал дека сите се загрижени за девојката на Милош, која пред неколку години го погребала и претходното момче, кое исто така било убиено.

– Сите сме потресени. Се обидуваме да бидеме заедно со семејството на Милош, на кое му е најтешко сега. Но, сакаме да и пружиме поддршка и на неговата девојка, која е во мошне лоша психичка состојба. Пред две години загина момчето со кое се забавуваше. Тешко го поднесе тоа. Кога се опорави од трагедијата, го запозна Милош и почнаа да се гледаат. Милош и беше голема поддршка. Сите сме загрижени за нејзиното здравје – изјавил другарот.

ФОТО: Фејсбук / Курир.рс (убиениот Милош)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...