Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) излезе со реакција по вчерашната изјава на вицепремиерот Бујар Османи кој кажа дека ќе поднесат тужби за медиумите кои, според него, објавувале лажни вести за скандалот со парите во Фондот за пензиско-инвалидско осигурување (ПИОМ) инволвирајќи го ДУИ во приказната.
„Вицепремиерот Бујар Османи говорејќи за скандалот во ПИОМ се закани со тужби до сите медиуми кои овој скандал го поврзуваат со функционери на ДУИ. Напоменуваме дека работа на медиумите е да истражуваат и изразуваат сомневања за сите функционери, без разлика од која партија доаѓаат, а владините претставници, во случајов вицепремиерот кој е задолжен за евроинтеграциите, треба да се воздржат од закани со тужби во духот на слободниот говор за кој декларативно се залагаат. Евентуалните недоразбирања треба да се решаваат по пат на транспарентност и отвореност, а не со закани за тужење“, пишува во реакцијата на ЗНМ.
Здружението реагира и на изјавата на министерот без ресор, Роберт Поповски, порачувајќи дека министрите треба да се воздржат од изјави што се сфаќаат како етикетирње.
„Во контекст на изјавата на министерот Роберт Поповски каде се сугерира дека во ТВ Алфа има влијание на структури од претходната власт, пак, сметаме дека коментари со кои на политичка основа се етикетираат медиуми, не придонесуваат за подобар медиумски амбиент и европски вредности. Професионализацијата на медиумите, вклучително и на оние кои со години ги кршеа или ги кршат професионалните стандарди е долг процес во кој се бара конечно и целосно одлепување на сите политички влијанија во медиумите, во насока на стандардизирање на етичките и морални принципи на новинарството, а во тој процес сите општествени чинители, вклучително и членовите на Владата треба да бидат повнимателни“, наведуваат од ЗНМ.
Оттаму апелираат и до медиумите да се стремат да ги почитуваат врвните професионални и етички стандарди. Потсетуваат и дека телата за саморегулација и јавноста може да ценат за професионалноста или непрофесионалноста на медиумите и начинот на кој тие работат и известуваат.
„Сите граѓани, а меѓу нив и функционерите и министрите, ги охрабруваме, преку овие тела да овозможат подигање на стандардите на медиумите, бидејќи кршењето на тие стандарди не е во ничиј интерес, а најмалку во полза на довербата во медиумите“, апелираат од ЗНМ.