Камелеонот Димитров

2585

Зборот камелеон се врзува за луѓе кои ги менуваат своите убедувања или, како што често се вели кај нас, „партиски дресови“, според потребите на денот и нивното чекмеџе. За Димитар Митрев, особено во периодот 1953-64, деценија на нашите уметнички конфронтации, „камелеони“ беа тие што менуваа „табори“: модернисти кои преку ноќ станувале реалисти и обратно. Со тој збор се послужи и пратеникот Антонио Милошоски за да го „разобличи“, по кус и ефектен начин, политичкиот стил на министерот за надворешни работи Н. Димитров, еден од архитектите на Преспанскиот договор кој му донесе меѓународна слава.

Мали се изгледите да дискредитирате некој човек и тоа во околности кога наидува на општо одобрување и симпатии во сиот демократски свет. И не само тоа. Пратеникот Антонио беше, едно време, и самиот министер за надворешни работи во владата на Н. Груевски, сега „во егзил“. Од таа гледна точка неговата „волја да разобличува“ ќе биде сомнителна и за многумина од оние кои дуваат во исто кавалче. А ќе биде сомнителна затоа ако не јавно, тогаш во себеси ќе се прашаат сите тие сокавалџии: дали Антонио не му завидува на Никола? Оној Антонио кој, во една од серијата бомби на Заев и самиот гласно размислува кое име би ѝ го дал на Македонија како „географска одредница“.

Знае ли некогашниот министер за надворешни дека неговата отровна „волја да разобличува“ има мали изгледи да ја постигне својата цел? Дека таа волја нема неопходна врска со „зацртаната“ цел? Дека е непогодно средство за да доведе до цел? Дека неговиот острастен напор е однапред осуден на пораз? Ако знае (ајде, да речеме, знае!), тогаш зошто се впушта во таква „безогледна и безизгледна“ (Митрев), донкихотска „борба со ветреници?“

Има два добри одговора на тие незгодни прашања.

Едниот одговор е специфично логички. Иако се работи за оштетена и опака логика на политичка партија во опозиција која се бори за власт. Згора на тоа, таа партија (ВМРО-ДПМНЕ) е дебело компромитирана од серија тешки злоупотреби и колосални криминали во тек на една деценија. Логично е една таква партија да го бара својот опстанок на политичката сцена во брза промена на власта кога друго, едноставно нема. И колку да се чини тоа безнадежно. Во време кога само за две години владата на Заев успеа да ја спаси земјата не само од навидум непобедливиот деспотизам на Груевски и Фамилијата, туку и да ја извлече од живиот песок на меѓународната изолација. Да, таа брза промена на власта е сламка за спас на давеник. Ама, за кој давеник таа сламка не е – греда?

Вториот одговор е специфично психолошки. Или, подобро, тој одговор е во тесна врска со политичкиот стил на пратеникот Милошоски кој се прослави со некои подвизи уште во неговата прва младост за кои не зборува јавно. Дури ни тогаш кога многу други зборуваат. Кои ги вадат од неговата „стресната душа“ (П. Бакевски) во која, безбели, длабоко ги закопал. А ги вадат за да му вадат душа. И тоа со некоја ќумбе-црна страст и сласт во која уште и – уживаат. Со која ликуваат, небаре самите никогаш не паднале во искушение да ги испробаат своите скромни и кревки сили за подвизи од тој вид.

Првиот таков подвиг на пратеникот Милошоски е врзан со првото име на македонистиката, поетот Б. Конески, кој уште во раните педесетти ја издигна таа македонистика во ранг на респективна дисциплина на славистиката. Еден подвиг на Конески кој ни малку не заостанува зад оној на Григор Прличев, за кого напиша една обемна студија, но и една поема. Тогаш сè уште на распаќе меѓу лириката и политиката, во тоа време крвожеден јастреб-жолтоклунец на Унијата на младите сили во ВМРО-ДПМНЕ, малкунадежниот и малкумаштабен лирик во зародиш Антонио го нарече, нашиот уметнички и научен колос Блаже Конески – „џуџето од Небрегово“. Го нарече и остана жив. Па стана дури и министер за надворешни работи. Па дури и човек од строга доверба на пастир Никола. Со кого разменува мисли за промена на името. Скришни, интимни и конспиративни мисли, далеку од очите и ушите на јавноста.

Вториот подвиг уследи не многу потоа, откако пратеникот Милошоски на чудесен начин, без вакцините на Венко Филипче, се спаси од опасните лирски морбили. И колку да изгледа драстично различен тој втор подвиг на Милошоски („гасни комори“ за Албанците во Македонија затоа што побарале настава на албански на педагошки факултет), има силна врска со првиот. Таа се состои во силната „волја да му се допадне“ на тогашниот војвода на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски. Тој, заедно со покојната Д. Димовска, отвори фронт против македонизмот на Конески, наполно во духот на софискиот Македонски институт кој, уште од времето на Георги Чанков (1948), се обидуваше да докаже дека „џуџето од Небрегово“ го србизирал македонскиот јазик.

Што ги врзува во едно волјата за допаѓање, волјата за разобличување и камелеонството кое, според логиката и реториката на Милошоски, било главна одлика на министерот Димитров? Тоа што имаат иста цел! Вие разобличувате некого по налог на партиска линија што, вака или онака, ви ја „зацртал“ вашиот шеф. Така имате шанси да му се допаднете. Тоа ви носи некој конкретен ќар. Еднаш тој шеф е Георгиевски. Другпат Груевски. Третпат Мицкоски. Вие сте верен и правоверен кон тројцата само затоа што ви се шефови. Но и неверен, истовремено, затоа што сте верен само на пеколната страст да се одржите во политичко седло. Сега, што е тоа ако не камелеонство? И уште: може ли еден политички камелеон со тапија и мур да осудува свој собрат-камелеон? Ако може, како може да не се самоосудува кога осудува друг? Димитров!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...