Со 59 гласа против, 20 гласа за, без воздржани, Собранието вечерва не ја прифати интерпелација на министерот за надворешни работи Никола Димитров, поднесена од пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата го обвини Димитров дека ја извршува функцијата несовесно, нестручно и спротивно на македонските интереси и оти со потпишаните договори со Бугарија и Грција се загрозуваат македонските интереси.
Во завршното обраќање министерот Димитров ги повика пратениците заеднички да се фокусираат на приоритетите и да разговараат за работи што се вредни за расправање.
– Ние конечно се исправаме на нозе. Порано или подоцна со мудра политика, помалку навреди и повеќе заедништво, мислам дека ќе светлината ќе ја победи темнината. Да се расправаме за работи што се очигледно вредни за расправање – од даночна политика, состојбите во економијата….. Дајте заедно да си се фокусираме, да си имаме приоритети и да не биде прашање на живот или смрт кој ќе победи, а кој нема да биде на власт. Мислам дека сега е времето тој чекор да го направиме – им порача Димитров на пратениците во Собранието.