Поднесената интерпелација од страна на ВМРО-ДПМНЕ за министерот за надворешни работи е уште еден доказ за антизападната определба на ВМРО-ДПМНЕ да ги попречи евроинтеграциите. Граѓаните на Македонија одлучија дека се ЗА членство во ЕУ и НАТО, за напредок, стабилност и сигурност, рече Фросина Ременски, потпретседателка на Собранието на Република Македонија и потпретседателка на СДСМ на денешната собраниска седница.
– Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, ги отвори рововите на квази патратиотизмот и покажа што значи да се стават државните интереси над личните и партиските. Негова константа во целиот процес е Македонија и иднината на граѓаните особено на младите. Неговото знаење во комбинација со неговото искуство, визионерство и храброст како и соработка со Владата предводена од СДСМ, официјално ги отворија вратите на Македонија за членство во ЕУ и НАТО“ – рече денеска од собраниската говорница потпретседателката на СДСМ, Фросина Ременски.
Ратификацијата на Преспанскиот договор во македонското и грчкото собрание, додаде Ременски, е доказ за заложбите на Владата предводена од СДСМ да стави крај на изолацијата, да ја обезбеди иднината, идентитетот, и да ги отвори вратите на ЕУ и НАТО.
– Тоа значи влез на огромен пазар, зголемена конкурентност на македонски производи, економски раст, покачување на минимална, на просечна плата и повисок животен стандард.