Другари, имате кец за борбата против корупцијата!

Нулта толеранција за ова зло не значи дека само ќе расчистуваме со мрачното минато, туку дека власта ќе се бори со секој поединечен случај на корупција, а пред сѐ во сопствените редови – без компромиси, без калкулации за опортуноста на еден таков пристап пред вакви или онакви избори и бездруго без оглед за кого станува збор. Тогаш кога ќе видиме една таква битка против корупцијата, тогаш ќе можеме да зборуваме за напредок.

3865

Прескромен, да не речам незабележителен напредок бележи Македонија во Индексот на корупција за 2018 година, што го објави Транспаренси интернешенл. Со глувчешки „скок“ од само 2 индексни поени, нашата земја е рангирана на 93. место (заедно со Косово), а од земјите во регионот и во Европа, полош е резултатот само на Албанија. Жално!

Освен тоа, без намера да изразам сомневање во методологијата според која се врши рангирањето, претпоставувам дека политичките промени што се случија во Македонија во последните две години и особено политиката на владата на Зоран Заев на надворешно-политички план (која Европа и Западот ја оценија со нескриени симпатии), придонеле при „индексирањето“ нашата земја да имала извесен „бонус“. Така, на пример, како клучно достигнување се регистрирани неколкуте случаи што ги води Специјалното јавно обвинителство, а тоа сепак не може да биде реална слика на феноменот коруцпијата погледнат во сегашноста.

Објективно, суштинските реформи во оваа област допрва претстојат и тие ќе бидат болни. Покрај неопходната експертиза и законската инфраструктура, која некако и ќе се се скрпи, за да се покажат вистински резултати во борбата против корупцијата ќе се наложи потребата од концентрирање на висок степен на политичка волја и посветеност на таа цел. А тоа, верувајте, воопшто нема да оди лесно.

До мене, а можеби и до вас, почитувани читатели, постојано допираат гласини и шпекулации за сомнителни тендери и за корупциски зделки и притисоци, посебно во сферата на бизнисот. По природата на нештата (имено поради ноторниот факт дека кај нас државата е најголем контрактор и работодавач), бизнисот е принуден да „соработува“ со луѓето во државните институции. И тука се предат страшни приказни за тоа дека таа „соработка“ не е многу различна од онаа во времето на минатиот режим, за кого со право велевме дека е царство на корупцијата.

Јас сакам да верувам дека тие гласини не се точни. Но, истовремено, одбивам резултатите на оваа власт, во споредба со претходната, да се мерат со некакви скромни напредоци, изразени во ситни проценти и индексни поени. Ве молам, 2 индексни поени напредок?! Сме го запреле падот?! Немојте да ни раскажувате гачки! Оваа гарнутура дојде на власт носена на крилјата на една граѓанска револуција, а нам, на граѓаните, ни беше ветена нулта толеранција на корупцијата!

Нулта толеранција за ова зло не значи дека само ќе расчистуваме со мрачното минато, туку дека власта ќе се бори со секој поединечен случај на корупција, пред сѐ во сопствените редови – без компромиси, без калкулации за опортуноста на еден таков пристап пред вакви или онакви избори и бездруго без оглед за кого станува збор. Тогаш кога ќе видиме една таква битка против корупцијата, тогаш ќе можеме да зборуваме за напредок.

Сѐ додека тоа не се случи, за жал, гласините ќе шират сомнежи и разочарувања и никакви проценти и индекси – особено не вакви, кои и сами по себе не се за фалење – нема да бидат од помош.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...