Османи се пофали дека прв зборувал на албански на владина седница

185

Вицепремиерот Бујар Османи ја искористи денешната прес-конференција во Владата посветена на интеграциите и реформите да се пофали дека ја имал честа прв да зборува на албански јазик на една владина седница, бидејќи денешната е прва откако Законот за јазиците стапи на сила.

Тој неговото обракање го посвети на евроинтеграциите и реформите потенцирајќи дека планот за реформи 3-6-9 е реализиран 95 отсто, а со иста динамика се движи и планот 18.

– Вчера имав можност да бидам во Романија, која претседава со ЕУ, на состанок со највисокото раководство да им кажам „господа ние го испорачавме нашиот дел и сега очекуваме договор да се испорача кон нас“, а тоа е Македонија да стане членка на НАТО и да почне преговори со ЕУ. Впечатокот таму е дека Договорот од Преспа е дипломатско чудо кое не само што нам ќе ни го отвори евратланската перспектива, туку ќе биде и пример за регионот – рече Османи.

Тој кажа дека утре заминува за Финска, која следна ќе претседава со ЕУ, што е важно за Македонија, бидејќи за време на тоа претседателство би требало да се одржи првата меѓувладина седница која де факто е почеток на преговорите. Потоа, рече тој, следна е Хрватска како претседавач во чиј мандат Македонија треба да го отвори и првото поглавје.

Османи е убеден дека реформите ќе се реализираат и дека нема да има земја и организација која нема да го признае напредокот.

– Потоа само небото е граница – рече оптимистички Османи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...