Пред сите македонски „народни“ приказни да продолжат, убави и неубави, успешни и неуспешни, политички и криминални, простачки и помалку простачки, мора сите да застанат за миг и да дадат одговор за ужасната состојба во која се наоѓа здравството. Без камери, без убаво и убедливо напишани соопштенија и изјави, без оправдувања. Бидејќи, не постои оправдување!
Најтешката болест од која боледуваме е здравствениот систем. И тоа малку луѓе што останаа во земјава ќе исцркаат од вакво здравство.
Зарем Тамара не беше доволна лекција за сите? Отиде едно девојче, ангелче, протестиравме, извикувавме слогани, баравме оставки, морална, политичка и законска одговорност. Баравме затвор за одговорните во системот што убива деца. Колку деца умреа од тогаш, пред воопшто и да дознаат што се животот и смртта? Има ли вистинска, нефризирана, забошотена статистика за тоа колку деца нема го доживеат крајот на оваа година? Има ли истражување за тоа колку од нив нема да ја доживеат 30-та година од животот?
Зарем толку е тешко да се најде човек, искрен и директен, без претходно подготвена изјава и презентација на големите екрани, без меури од ветувања за подобрување на стандардите, да ги признае ужасите на здравството? Човек. Таков човек, доволно одговорен, сам да излезе пред камерите, искрено и со чисто срце да ги признае сите грешки, и претходните и сегашните, грешките на министрите, нивните помошници, директори на фондови, доктори, секретарки, трговци… Да каже, секоја чест на исклучоците, за никаде сме, не треба да ни верувате.
Ни го скратува животот секоја и најмала настинка на децата, затоа што не знаеме дали и каква помош ќе добиеме од оваа бестија од здравство. Да се мисли човек дали да го вакцинира детето, не затоа што постои некаков квази идеолошки отпор кон вакцинирањето (тоа е посебна приказна), туку затоа што се лаже за вакцините, безочно се лаже! Па, ајде, со лични примери, божемски… Па не успеала лошо скроената агитаторска операција, па „пу-пу не важи, тоа беше само несмасен пи-ар, ама вакцинирањето е безбедно“. Што би рекол Кили: „Ма дај, не ме …!“
Ајде, ако немаме здравствена култура (а како би ја имале?!) за нас самите, за децата секако имаме. И очекуваме, за парите што ни ги одбиваат од даноци и придонеси, да видиме грижа за здравјето барем на децата. Но, не видовме ниеден, макар и најмал обид да се биде искрен, сите овие години и децении. Трговци, купци и накупци со здравјето и животот на луѓето нѐ направија понизни и исплашени пред секој бел или плав мантил. Мислевме дека тоа време помина.
Мислевме дека нема веќе да се плашиме. Но, се плашиме. Се плашиме за децата. Не можам веќе да издржам, не знам што да им кажам на сите родители што ми пишуваат за нивните неволји и стравот за здравјето, свое, на блиските, на децата… За трагичните последици од нехуман систем. За понижувањата низ кои мораат да поминат само за да добијат трошка внимание од здравствениот систем кој не мрдна од мртва точка или, подобро, од точката на смртта. Мислевме дека Министерот за Смрт, ТодорОф, е минато. Но, не е. Мислевме дека „стотче“ за едно породување во Државна е минато, но не е.
Ало! Мислевме дека ќе мрднете со прст, ама мрднавте со сите краци на октоподот!
Болниците ви се куќи на ужасот. Ретки ви се луѓето со насмевка и човечка топлина. Овде-онде ќе скрпите и некоја блескава врата што води кон добро осветлен ходник, со супер изглед, тивко зуење на модерни апарати. Ама, знајте, одговорот на тоа е: „Значи можело, мајката стопанкина!“. башка за недостапноста, ако воопшто помислиме дека тоа ќе биде бесплатно.
Мој термин не функционира, инсулин има, па нема, за сѐ побројните болни од рак има, па нема терапија, се случува и шприц за инјекција да снема, лекови нема, позитивната листа се исцрпува за пет дена, па пак се наплаќа, како да е 100% приватно здравството… Имам за набројување уште десет страници и веројатно нема да ја завршам листата.
Најдобро ви функционира системот на наплата на паркингот во Државна. Па, кај ви одат парите бе, бели мантили?! Бесплатно е ова, бесплатно е она, ама на крајот наплаќате во крв и живот! Доста е!