Семејството на загинатиот Мартин ќе добие бесплатна вода

2291

ЈП Водовод и канализација – Скопје ќе изгради нова водоводна линија од 50 метри на сопствен трошок за да обезбеди вода за семејството на 25-годишниот Мартин Сиљанов кој неодамна загина во пожарот што избувна во сервисот за мопеди во Скопје, на улицата Јордан Мијалков.

Екипи на Водовод и канализација денеска излегле на терен и утврдиле дека поради  дефект на приклучната цевка која поминува под бараките и прави штета кај соседот, водата е исклучена самоиницијативно, со што семејството Сиљанови останало без вода во домот.

– За да обезбеди редовно водоснабдување ЈП Водовод и канализација – Скопје ќе изгради нова водоводна линија од 50 метри на сопствен трошок, со што ќе се овозможи преврзување на приклучокот за вода од старата на новата мрежа, односно ќе се изврши поврзување на објектот на странката на новата мрежа со која ќе добие редовно водоснабдување – соопштија од Водовод.

Претпријатието ќе поднесе иницијатива до Управниот одбор на ЈП Водовод и канализација Скопје ова семејство да биде сместено во категоријата која ги опфаќа лицата кои се приматели на постојана парична помош кои пак се ослободени од 10 м3 во текот на месецот.

И Општина Гази Баба ќе се вклучи со еднократна парична помош за семејството, како и Министерството за труд и социјална политика.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...