Едниот од двајцата полициски службеници од Полициската станица Чаир кои вчера беа повредени откако биле нападнати од група граѓани во населбата Шуто Оризари, кој се здобил со полесни повреди беше донесен во Ургентниот центар, по што беше пуштен на домашно лекување – изјави за МИА раководителот на Ургентниот центар Алберт Леши.
Посочи дека кај нив бил донесено уште едно лице со посериозни повреди односно со нагмечување во пределот на главата, со контузија и потрес на мозокот.
– Полицаецот имаше речиси незабележителни повреди. Цивилот мислам дека е сместен на Клиниката за неврохирургија, додека другиот полицаец, кој бил посериозно повреден бил однесен во Градската општа болница „8 Септември“ – додаде Леши.
Од ГОБ „8 Септември“ сѐ уште нема информација за состојбата со повредениот полицаец.
По синоќешниот инцидент, на распит во полиција се повикани повеќе лица и во моментов се работи на расчистување на случајот.
Според МВР, вчера околу 17.20 часот е пријавено дена на улица “Индира Ганди” во Шуто Оризари малолетничка наводно видела дека непознати лица насилно внеле женско лице во комбе, но не знаела за кого станува збор. Околу 19 часот на истата улица се собрала поголема група граѓани и тогаш наишло патничко моторно возило “Хјундаи галопер” во кое се наоѓале А.Р.(34) од Скопје и Ф.К.(24) од село Долно Блаце, скопско, полициски службеници кои не биле на работа и Б.К.(39), исто така, од село Долно Блаце, при што истите биле нападнати од насобраните граѓани.
На Ф.К. и Б.К. им биле нанесени тешки телесни повреди и биле пренесени во Градска општа болница “8. Септември” и комплекс клиники “Мајка Тереза”. На А.Р. му биле констатирани телесни повреди. Со телесни повреди се здобил и полициски службеник кој преземал службени дејствија на местото на настанот. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот.
Вчера и денеска (до објавувањето на извадокот) нема пријава за исчезнато или грабнато лице од ниту едно семејство на подрачјето на Скопје.