Водачат на грчката опозиција Киријакос Мицотакис грми од говорица на грчкиот парламент (а со него едно чудо фанатизирани и распаметени Грци на атинската Синтагма), дека Алексис Ципрас им го дал, со Преспанскиот договор, македонскиот јазик на „Скопјаните“. Треба, затоа, да се прашаме: кој е тој јазик кој им го дал Алексис? Ако воопшто им го дал! Воопшто, затоа што никој не може со сила да ви даде нешто. Може само да ви земе! Кога, на пример, диктаторот Метаксас со закон им забрани на славофните да зборуваат, дури и по дома (?!) свој мајчин, тој им земаше јазик. Иако ни во тоа не успеа.
Дали е, на пример, оној јазик кој го зборуваат (сè уште!) и некои славофони во Грција? Како, на пример, попот Царкњас и сите оние во и околу „Виножито“ на Воскопулос кои рекоа дека тој Преспански договор бил мошне добар? Не само за Скопјаните туку и за нив. Не! Не затоа што тој јазик тие го зборуваат и, според тоа, Ципрас нема што да им дава. Дури и да сака да им дава, тој би им дал нешто што го имаат. Кога некој ви дава нешто што го имате, тој не ви дава ништо. Или, ако и ви дава, тоа ни нема некое значење за вас.
Дали е тоа јазикот на кој Григор Прличев од Охрид ги напиша своите поеми Арматолос (Сердарот) и Скендербеј, а кој го научи од Димитар Миладинов од Струга? Го научи толку добро што можел да ги поправа и неговите професори во Атина кога студирал медицина? Не е ни тој! Тој јазик, строга катаревуса, денес не го зборуваат ниту учените Киријакос Мицотакис и Алексис Ципрас, а пак уште помалку оние фанатични Грци од атинска Синтагма кои, зафатени од пожарот на нивните здивени страсти, извикуваат: „Македонија е грчка!“
Дали е тоа јазикот на Константин Филозоф (Свети Кирил) и неговиот брат Методиј кои, на молба од моравскиот кнез Растислав, во далечниот 9-ти век од нашата ера направиле еден „ad hoc литературн јазик“ врз основа на словенски дијалект кој се зборувал во и околу Солун? Еден дијалект кој, според зборовите на славниот лингвистот Роман Јакобсон (предговор, Selected writers, т. 3) малку се разлкувал од оној дијалект што, во тоа време, го зборувале и Словените на кнез Растислав од некогашна Велика Моравија?
Не е ни тој јазик од еден куп причини. Од нив поважни се: тој јазик ни од далеку не е јазикот на Византија. За него солунските браќа составиле посебно писмо – глаголица. Тоа писмо, пак, според зборовите на Роман Осипович, многу се разликувало од тогашното грчко. А се разликувало затоа што тие двајца браќа сакале да вклучат еден „јенѕикъ новъ“ во семејството на привилегираните грчки, латински и хебрејски на кои, во тоа време, се вршела божјата служба. А зошто така постапиле двајцата „генијални сесловенски првоучители?“ Затоа што, пак според учениот Јакобсон, „слово“ (збор) и „Словен-и“ (народ), лајтмотив на еден „Пролог“ на Константин Филозоф, биле еден збор со две значења: јазик и народ истовремено. Или: имаш јазик, имаш народ; имаш народ, имаш јазик.
Дали е тоа јазикот на Александар Мегалос како што го викаат Грците, а Македонски како што го викаат Скопјаните? Не е ни тој затоа што ни тој јазик не го зборуваат ниту Мицотакис, ниту Ципрас. А не го зборуваат затоа што користат, како сите Грци, еден новогрчки-димотики јазик. Тој многу се разликува од еден старогрчки-коине јазик. Тој јазик, според зборовите на славниот италијанаски семиолог и писател Умберто Еко, важел за „совршен јазик“. А важел за совршен затоа што и римските патриции, во прво време, сакале да зборуваат „коине“ место латински кој бил јазик на простиот плебс. Токму тој коине-јазик го ширел хеленизмот во Азија од времето на Александар Мегалас. Не македонизмот.
А зошто тој коине-хеленски јазик го раширил Александар Македонски на своите походи по азискиот континент? Зошто не го сторил тоа со оној свој мајчин јазик од Пела? Затоа што тој јазик го учел од Хомеровата „Илијада“ под надзор на неговиот учител Аристотел од Стагира. Затоа што на тој јазик ги напишал сите свои дела таткото на филозофијата. Затоа што тоа било јазикот и на неговиот учител Платон. Затоа што, како заложник во античка Теба, токму како и Григор Прличев од Охрид, синот на Филип се трудел совршено да научи еден „јазик од престиж“ кој го зборувале Никомах (татко на Аристотел) и трагичарот Еврипид кои нашле засолниште кај Филип Втори, таткото на Александар.
Ако не e ниеден од тие јазици кој, според зборовите на Мицотакис, им го дал генерозно Алексис Ципрас на „Скопјаните“ и со, тоа, ги погазаил сите црвени линии за кои потрошиле толку hromitas-мастило дури шесмина грчки премиери (во прв ред неговиот татко Константин Мицотакис), тогаш за кој јазик би можело да станува збор? И дали воопшто може да станува збор? Одговорот на прашање од тој вид може да биде колку необичен толку и бесмислен (апсурден). Необичен и бесмисмислен затоа што не може да се даде некој обичен и смислен одговор на необично и бесмислено прашање.
Ама, од друга страна, кој би можел да се обложи дека необичностите и бесмислиците се ретки во политиката? Особено во онаа која се сведува на гола борба за власт, безобѕирна и беспоштедна? Освен тоа, тие две работи брзо и лесно се лепат за оние што ве слушаат. Тоа што е необично привлекува и плаши истовремено. Смислата на бесмислата е една не-обична, бизарна смисла. Таа му доаѓа нешто како „сол на егзистенцијата“. Го знае ли тоа Мицотакис кога грми дека Ципрас им дал македонски јазик на „Скопјаните“? Не мора! Затоа што е тоа практика во политиката откога постои векот и светот.