Не може да стигнете во Крушево без измешани, силни емоции. Особено на 25 јуануари. Или пак на 16 октомври. Или друг ден. Или последниот снежен викенд. И се е поврзано со Тоше Проески.
Така е и со авторот на овој текст кој веќе единаесет и пол години барем два пати, а можеби и 50-ина пати годишно, е во овој највисок балкански град полн со историја, чувства, емоции, сеќавања. И секоја професионална и приватна посета на Крушево – емотивно е врзана за Тоше Проески. За големиот музичар, недвосмислено омилен на Балканот. И поради огромниот музички талент и поради она што него го правеше човек – добродетелството, позитивноста, насмевката, подготвеноста секому да му излезе во пресрет. На кој било начин.
Но, главни се фановите на Тоше. Од Македонија, Бугарија, од Србија, Хрватска, од Словенија, од Грција. Најупорни се да го зачуваат споменот за големата музичка ѕвезда, за младиот музичар кој не успеа да ги доживее во реалноста своите соништа. Најупорни се да зачуваат делче од себе. Оти и секој нареден ден е – тошев ден.
Снежното Крушево, кое за роденденот на Тоше, реши да ги отежни патиштата, сепак ги прегрна сите за да го продолжат споменот за Тоше Проески. Совреме, пред неколку дена, како да знаеја, пред да падне новиот снег, од речиси цел Балкан тие пристигнаа. Во рацете со роденденска торта. Да ја поделат и тортата и емоциите кои со години не ги кријат.
Елеонора Василева од Бугарија во Крушево доаѓа девет години, а веќе трета година носи роденденска торта. На вечното почивалите на Тоше на Гумење. Годинава е со ангел. Како Тоше. Вели денот за неа е повеќе празник, отколку тага.
– Празник е зашто на овој ден, 25 јануари се роди нашата ѕвезда и на овој свет донесе многу љубов, ни остави многу од што секој ден можеме да учиме. Секоја година за роденденот на Тоше носиме торта. Секогаш е различна. Ја прави моја пријателка од Бугарија. Направена со многу љубов – вели Василева.
Дарја Илич од Словенија нагласува дека мора да биде во Крушево на овие денови. Го исполнува заветот на срцето. Тоа ја смирува.
– Се чувствувам и тажно и радосно. Дојдов со срцето да го исполнам она што тоа го бара. Потоа ќе бидам помирна. За Тоше нема средина. Има само болка и тага. И безрезервна љубов. Да се сакаме, како што тој сакаше – вели тивко Дарја Илич.
Чичкото на Тоше, Анастас Проески очајно се чуди како брзо поминале годините откако го нема неговиот внук. Малку го смирува констатацијата дека Тоше никој не го заборава.
– Поминаа наеднаш единаесет и пол години откако нѐ напушти. А денес ќе имаше 38 години. Неговото име секогаш ќе се слави. И од оние кои тогаш не беа родени. Ни остави своевиден завет- да продолжиме по неговиот пат: Да бидеме хумани, да се сакаме, да им помагаме на тие што имаат потреба. Да бидеме и крводарители како што беше Тоше – вели Анастас Проески.
На гумење, пред вечното почивалиште на Тоше го сретнавме и 10-годишниот крушевчанец Атанас Ташковски. Не го знаел Тоше, ама сѐ слушнал и впил што се зборува за него.
– Јас сум роден подоцна. Имам 10 години. Но, на Тоше речиси сѐ ме потсетува. Посебно неговите песни. Многу слушам за Тоше. За неговата хуманост, за добрината – вели младиот Атанас од Крушево.
И, така е со чустваста на Тошевите фанови токму на неговиот роденден. Да беше жив радосно ќе ги издуваше 38 те роденденски свеќи.
Атмосферата на спомените не пренесува во спомен -куѓата на Тоше на Гумење која е дом на сеќавањата веќе седум и пол години. И за над 650 000 посетители досега.
Крводарителска акција, рецитирање тошеви песни, пеење на неговите хитови, изработка на дела од ракотворци, разгледување на 350-те експонати. Како да е Тоше тука. Така се одбележува неговиот роденденден, вели директорот на овој импозантен музеј, Елена Мирческа.
– Спомен-куќата прави симбиоза од енергии, луѓе и настани каде достојно го одбележуваме неговиот роденден. Тука се фановите на Тоше од земјава, а речиси, и од целиот Балкан кои пристигнаа пред неколку дена, токму заедно да го одбележиме роденденот на Тоше, кој со секој поглед во овој музеј е присутен со нас, на многу начини: преку песните што се слушаат, видеозаписите за концертите, преку неговите лични предмети, наградите и признанијата на Тоше, неговата гитара, фигурите…Над 350 експонати се во спомен куќата поврзани со Тоше. Се чувствува тошевата душа, неговото доброчинителство. И ако барем малку ги спроведуваме моралните начела на Тоше и начинот на се што правеше во животот со голема љубов, почит и позитивност за сите, би го направиле општеството подобро место за живеење – подготвено говори Мирческа.
Андреј Николоски, од фондацијата „Тодор Проески“ ветува дека останатиот материјал што го има во семејното студио на Тоше, со новата технологија, во иднина ќе донесе нови песни на Тоше. А крушевскиот градоначалник Томе Христоски вели дека градот со Нова Градишка од Хрватска, каде на 16 октомври 2007 година се случи трагичната сообраќајна несреќа во која загина Тоше, и со скопската општина Карпош, склучиле меморандум за соработка во музиката, културата, образованието. И се во спомен на Тоше. Но, што се однесува до изградбата и уредувањето на неговото вечно почивалиште на Гумење, за што државата одвои средства, се уште ги завршуваат правните и бирократски препреки за проектот. Надешта е огромна на лето да почне изградбата.
– Лани се соочивме со правни и бирократски проблеми, процедури, но успеавме, постепено, да ги расчистуваме. На крушевскиот совет веќе помина комисијата што треба да го спроведе идејното решение како основен проект. Очекуваме на пролет да почне имплементацијата, а на лето да почне изградбата и уредувањето на гробното место на Тоше – објаснува Христоски.
Така е тоа со македонско-балканските прилики. Цел живот доцниме. За уредувањето на вечното почивалиште наТоше долго се говори. Долго се говори за тоа дека – споменот за Тоше не го даваме. А ни треба поголема посветеност за реално да биде така. Пејачката и пријателка на Тоше, Елена Ристеска, која не заборава да ги испее неговите песни, вели – професионалните колеги и медиумите не треба да се сеќаваат на Тоше само на одредни датуми.
– Мислам дека ретко кој пее негови песни на своите концерти. А кај медиумите – треба да биде една традиција, да има што повеќе емисии за Тоше и не само за 25 јануари или за 16 октомври. Сите ние ја имаме одговорноста да ја продолжиме професионалната мисија на Тоше. Сите мои колеги, и медиумите, треба да направиме тој што подолго да живее. Најдобриот начин е преку неговите песни. А како пријател на Тоше, чувствувам посебна одговорност. Се надевам дека во наредниот период ќе ја реализирам мојата лична замисла да ја продолжам хуманитарната мисија на Тоше – вели Ристеска.
За Ристеска логично е некои објекти во земјава, па и фестивали, да го носат Тошевото име. Сака Универзална да ја добие таа чест.
– Јас искрено би сакала Универзална сала да се вика Тоше Проески. Оти токму таа сала била најмногу исполнета од Тоше. И други објекти да се именуваат според него или фестивали, специјални емисии. Така најмногу би се пренесла неговата мисија и идните генерации да знаат многу за Тоше Проески – категорична е македонската пејачка Елена Ристеска.
Да беше жив, Тоше Проески на 25 јануари ќе го прославеше 38-иот роденден. Сега тоа го направија неговите фанови. Со безрезервна љубов како неговата. И со порака – секој ден во годината е и тошев ден. Ден на добродетелството, хуманоста, на дарувањето дел од себе.