Интерпелацијата на Димитров и укинувањето на платата на Груевски пред пратениците

187

Собранието на Република Македонија денеска на продолжението на 81-та седница треба да расправа за интерпелацијата за работата на министерот за надворешни работи Никола Димитров, поднесена од пратенцитете од ВМРО-ДПМНЕ.

За оваа точка пратениците требаше да дебатираат вчера, но поради обврски на министерот Димитров беше одложена за денеска. Иницијаторите на интерпелацијата го обвинуваат Димитров дека несовесно и неодговорно ја извршува функцијата, како и за лошо водење на дипломатијата на штета на националните и државните интереси, а му забележуваат и за Договорот од Преспа.

На дневен ред на седницата, меѓу другото, е и предлогот на неколкумина пратеници за дополнување на Законот за пратеници, со кој кога ќе се усвои на поранешниот премиер Никола Груевски ќе му се укине пратеничката плата.

„Ако пратеникот е осуден со правосилна судска пресуда на казна затвор подолга од шест месеци, го губи правото на исплата на плата, други лични примања и надоместоци на трошоци“, гласи членот што пратениците го предлагаат како дополна на Законот.

Доколку се изгласа предлогот, Груевски ќе ја загуби пратеничката плата, бидејќи е правосилно осуден на две години затвор за набавката на луксузниот блиндиран мерцедес во предметот на СЈО „Тенк“.

Груевски веќе неколку месеци е во Унгарија, каде од тамошните власти експресно доби азил.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...