Македонскиот Гарибалди

3717

Ако е за верување на „врапчињата“ од партијата, во СДСМ е веќе донесена одлуката да не се оди на вонредни парламентарни избори. Кога и како тоа ќе се соопшти е прерогатив на таа партија, но не е исклучено, од тактички политички причини, за таа објава да причекаме барем уште некоја недела.

Таквата одлука прилично ги поедноставува работите. Најголемата партија на власт, поддржана во таквите намери и од својот коалиционен партнер ДУИ, сега ќе се сосредоточи на бирање на консензуален претседателски кандидат, за што бројот на кандидати е голем и прилично квалитетен. Неколкуте струи во партијата, за сега, главно се воздржуваат од јавни некоректности по тоа прашање, пред сè, од страв да не им наштетат на шансите на „својот“ кандидат (ова важи и во женско лице еднина), но и поради несомнениот авторитет на самиот Заев во партијата, кој сè уште размислува за најдобрата кадровска опција. И тоа ќе потрае уште некоја недела.

Тој „тивок оган“ на кој се пече, ја става опозицијата пред деликатен избор што да прави: да излегува или да не излегува само на претседателски избори?

Ако кандидатот на власта е консензуален (а нема зошто да не биде), тогаш кандидатот на опозицијата, извесно, ќе служи за „спотер“ за постигнување на изборниот цензус за избор на кандидатот на власта. Ако, пак, вмровците решат да излезат само во првиот круг, ќе им треба голем повод да повикаат на бојкот на вториот, повод што можеби нема реално да го имаат, па ќе треба да измислуваат изговори што ќе им го (до)уништат кредибилитетот. Доколку решат воопшто да не се појават на изборите, тогаш остануваат без каква било сериозна политичка агенда што би ги спасила од „експрес лонецот“ на комбинацијата од потполната надворешна изолација, во „содејство“ со внатрешното дораспаѓање и грдата борба за „партиските печати“.

Сепак, не би се изненадил доколку Заев им подготви и некое ново изненадување, нешто што ќе ги начека со сосема спуштен гард…

На пример, во налетот на „нобеловскиот“ порив за национално помирување, што ќе се случи доколку, по претседателските избори (на кои консензуално ќе победат), Заев му понуди на Мицкоски да делегира неколку министри во неколку важни ресори во владата којашто ќе треба да се справува со конкретните предизвици, заверени со бриселски датум, на евро-интеграциските процеси? Ако, со други зборови, наместо сега бараните парламентарни избори, со мало одлагање, му понуди на ВМРО-ДПМНЕ создавање на широка влада за евро-интеграција на Македонија?

На прв поглед, за Мицкоски тоа би бил „смртоносен“, но „заводлив бакнеж“ што ќе биде тешко да го одбие, доколку инсистира да биде минимално сериозно политички третиран. На втор поглед, тоа би можело да му ја спаси и неговата партиска кариера пред налетот на неизбежните пост-изборни внатрепартиски превирања, со можност да ја врати ВМРО-ДПМНЕ неколку чекори назад пред ужасниот поглед во длабочините на антизападниот амбис на чиј раб самите се доведоа, благодарејќи ѝ на најглупавата од сите можни политики што самите избраа да ги водат во овие историски (или пост-историски?) времиња за нацијата и државата.

Тоа Заев може комотно да си го дозволи, бидејќи во догледна перспектива навистина ги држи сите адути од шпилот во своите ракави. По успехот на Преспанскиот договор, Заев е тој што, со извесна креативност, ја контролира, барем на среден рок, судбината на политичкиот процес во државата.

Ваквиот развој на настаните навистина би му доликувал на Заев кој веќе „левитира“ над македонската национална политика како своевиден (антинационалистички) „македонски Гарибалди“, човекот кој, откако ја покори, сега и ќе ја помири македонската општествена реалност.

На оваа идеја ме поттикна настапот на Мицкоски со опсежното интервју на МТВ. Таа промашена политичка агенда, како и него самиот, навистина може само Заев, во манирот на Мајка Тереза, да ги спаси. Односно, може да се спасува ВМРО-ДПМНЕ и без Мицкоски на нејзино чело.

Така би добиле една политички стабилна, а по малку и „словенечки“ здодевна Македонија. Таман и простор за креативна трета опција!

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...