Димитров се сретна со директорот за проширување во Европската комисија

101

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска оствари средба со директорот на Директоратот за проширување во Европската комисија Кристијан Даниелсон, на која било разговарано за европските перспективи на Република Македонија и очекувањата за напредок во претстојниот период.

Димитров, како што информираат од МНР, на средбата упатил благодарност до директорот Даниелсон и Европската комисија за нивните заложби и континуирана поддршка за евроинтеграцискиот процес на Република Македонија и го информирал за тековните активности поврзани со стапувањето на сила на Преспанскиот договор и заложбите за остварување понатамошен напредок во реформските процеси.

Во разговорите министерот Димитров, се осврнал и на досега постигнатите резултати во процесот на реформи во исклучително сложени внатрешни и надворешни околности, нагласувајќи дека силната политичка волја останува суштински дел од процесот. Димитров изразил очекување дека реформските резултати и крупните чекори во унапредувањето на добрососедските односи ќе обезбедат доволно аргументи за земјите членки да донесат одлука за почеток на пристапните преговори во јуни 2019 година.

Директорот Даниелсон, се наведува во соопштението од МНР, упатил честитки за чекорите поврзани со стапувањето во сила на Преспанскиот Договор и укажал на неговата важност за регионот и пошироко, како пример за добра дипломатија и надминување на високо сензитивни прашања.

Даниелсон го поздравил и текот на досега постигнатото на планот на домашните реформи, со очекување за уште позасилена работа и резултати во клучните области во периодот до Европскиот совет во јуни.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...