Правда за Алмир е можна само со ново судење

Трагичната смрт на малиот Алмир мора да биде предмет на ново, правично и одговорно судење, што ќе заврши со пресуда што нема да предизвика ничие сомневање.

2251

Сакам да кажам јасно и недвосмислено дека ги поддржувам граѓаните што протестираат поради начинот на кој судот во Куманово го води случајот за трагедијата на малиот Алмир, кој беше брутално прегазен со автомобил во овој град. Не е мое да пресудувам дали станува збор за убиство и дали убиството е извршено со умисла или во небрежност, но едно на сите ни е совршено јасно – кумановскиот суд и сите инволвирани во досегашното судење за овој случај го изгубија кредибилитетот да ја продолжат постапката и да ја доведат до праведна пресуда.

Преквалификацијата на обвинението од убиство во сообраќајна несреќа со смртни последици ја доведе под многу сериозно сомневање непристрасноста на Јавното обвинителство, за што сведочи и фактот дека четворица обвинители јавно се спротивставија на таа одлука, а министерот за правда си поднесе оставка, како израз на морална одговорност за овој скандал. Освен тоа, срамното и нечовечно поведение на обвинетиот и на неговите блиски, нивното недолично ликување по ослободувањето на обвинетиот од притвор, раѓа нови сомнежи дека тука станува збор за матна работа, можеби дури и за сериозна корупциска афера.

Тешко е да се оправдаат некои скандирањата и дел од иконографијата на протестот во Скопје, но така е тоа кога работата не си ја вршат оние што се задолжени и со народни пари платени во име на народот да обвинуваат и да судат, а улицата дели правда. Во таа ковачница на страсти сешто може да се случи.

Токму затоа, иако не сум правник, сакам да го споделам чувството на многу непристрасни луѓе дека трагичната смрт на малиот Алмир мора да биде предмет на ново, правично и одговорно судење. Сигурно постои начин тоа да се стори и така не само да се смират страстите (тоа сепак е споредна работа), туку случајот да се расветли и да се пресуди на начин што нема да предизвика ничие сомневање.

Сево ова не е директна обврска на премиерот Зоран Заев, зашто тој не е ни обвинител, ни бранител, ни судија. Но, не треба да се заборави дека оваа политичка гарнитура дојде на власт меѓу другото и затоа што вети коренити реформи во нашето целосно искомпромитирано правосудство. Од тие причини, во онаа мера во која од извршната власт, од политичарите, од медиумите и од други општествени фактори зависи дали во оваа земја ќе има правда и мир, во таа мера секој треба да ја преземе сопствената одговорност и да биде на висината на задачата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...