Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“денес ќе поднесе Предлог-одлука за распуштање на Собранието на Република Македонија, рече на прес конференција шефот на пратеничката група Никола Мицевски.
– Бараме Зоран Заев да поднесе оставка од премиерската позиција и во најбрзо можно време да се состави преодна Влада за организирање на избори за пратеници со цел да се испочитуваат роковите за 100 дена Влада. Време за губење нема. За овие две години откакао Зоран Заев и СДСМ се на власт, Република Македонија го допре дното. Не можеме да дозволиме оваа ненародна власт да продолжи да нанесува штети на државата во секој сегмент – рече Мицевски.
Според него, Македонија е доведена до степен на потчинетост поради недостоинствени прифатени предлози, наметната двојазичност, разочарувања, никакви реформи во економијата, катастрофи во здравството, нема никакви реформи во образованието, континуирано осиромашување на граѓаните, инавазија на иселување, деморализирање и потеценување на граѓаните без разлика на нивната етничка и партиска национална припадност, загрозување на животната средина, непочитување на Уставот, а пред се промената на уставното име на Република Македонија.
– Време е граѓаните на Република Македонија да одлучат во кој правец сакаат да се движи Македонија. Токму затоа бараме распуштање на Собранието на Република Македонија и заедно со претседателските избори да се спроведат и предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе си ја вратат државата назад и ќе одлучат да ги водат чесни и сериозни луѓе и луѓе кои пред се ја сакаат оваа земја. Политичари, кои пред се ќе имаат легитимитет од страна на граѓаните и во наредните години ќе ја водат Република Македонија напред – вели Мицевски.