Нобеловката Бушамауи официјално ги номинира Заев и Ципрас за Нобелова награда за мир

Бушамауи ги информира денеска Заев и Ципрас дека официјално испратила писмо до Комитетот за Нобеловата награда за мир со номинацијата.

406

Нобеловката Уидед Бушамауи и официјално ги предложила премиерите на Македонија и Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас за Нобеловата награда за мир за 2019 година.

За предлогот, како што соопшти прес службата на владата, нобеловката ги информирала двајцата премиери.

„Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, прими писмо од Уидед Бушамауи, добитничка на Нобеловата награда за мир во 2015 година, со кое го известува дека и официјално испратила писмо до Комитетот за Нобеловата награда за мир со номинација тој и грчкиот премиер Ципрас да бидат кандидати за оваа награда, за 2019 година“, соопшти прес службата на Владата

Во писмото таа ја искажува својата убеденост дека Договорот од Преспа, претставува модел за мирно и конструктивно решавање на билатералните и мултилатералните недоразбирања меѓу соседните држави, кој може да служи како пример за целиот Балкански регион и пошироко, и дека ратификацијата на договорот во двете земји сведочи дека дијалогот, позитивната енергија, космополитизмот, духот на решителност, цврстата определба како и чувството за добрососедство, се клуч за сите проблеми независно притисоците на националистите од двете страни на границите.

„Во овој процес и во овој храбар и визионерски акт со кој се утврдува дијалогот, довербата и основата за една заедничка иднина на Република Северна Македонија и на Грција во рамките на меѓународните организации, вие господине Премиере Заев , како и господинот Ципрас, одигравте клучна улога. Во таа смисла, си дозволувам да искажам големо почитување и восхит кон вас двајцата лидери – големи градители на мирот на Балканот“, пишува во писмото нобеловката Бушамауи.

Писмо со идентична содржина, добитничката на Нобеловата награда за мир за 2015 година, Уидед Бушамауи, испратила и до грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Видед Бушамауи од Тунис, добитничка на Нобеловата награда за мир во 2015, на 18 декември 2018 во Скопје ги номинира Заев и Ципрас за Нобеловата награда за мир за 2019 година.

Номинацијата беше објавена на ФОН Универзитетот, За значењето на Договорот од Преспа покрај Бушамауи на номинацијата говореа и членот на Европскиот парламент од грчката владејачка партија Сириза Стелиос Колуглу и деканот на ФОН Нано Ружин

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...