Сѐ почесто, понекогаш суптилно, но понекогаш и директно и нападно, персони од близината на премиерот Зоран Заев бараат луѓето кои настапуваат во јавноста да го поддржат нашиот лидер, да ја пофалат Владата и да се воздржат од „неумерени“ критики. Повторно, како и во мојата младост, кога ги учев „тајните“ на новинарскиот занает, сериозно се дебатира за тоа што е критика, а што „критизерство“.
Во тоа време, тоа навистина беше една од најважните новинарски „тајни“. Зборувам за средината на осумдесеттите години од минатиот век. Режимот веќе беше сериозно попуштил, но сѐ уште беше доволно моќен да уништи нечија кариера, ако не и повеќе од тоа. Требаше добро да се научи вештината на умерено критикување. Не можам да поверувам дека и денес, повеќе од три децении подоцна, некои луѓе ламентираат на истата тема.
Така, една моја поранешна колешка, која сега го советува премиерот Заев, пред два дена на Фејсбук објави статус во кој ни соопшти дека на трибината во Велес, на која биле премиерот и вицепремиерот Анѓушев, имало „голем интерес, аплаузи, конструктивни прашања и исто така одговори кои биле пречекувани со поддршка од присутните“. Во ред, не велам дека не било така некако и не велам дека мојата бивша колешка немала обврска (работна?) да си ги пофали и премиерот и вицепремиерот.
Но, ми брцна советничката в око со нејзината финална кисела забелешка:„Ова ве информирам во случај нашите медиуми да заборават да ја кажат реалната ситуација, оти нели тренд е да се критикува власта“. И потоа ставила знакче смајли, во случајов како симбол на некаква олимписка величина, но и како суптилна порака – вие само критикувајте, ама народот знае да покаже голем интерес, да поставува „конструктивни прашања“ (така, во принцип, ги викаат нарачаните прашања) и да награди со „аплаузи“.
Се разбира, бидејќи сум културен дечко, се воздржав да ја зголемам ПХ вредноста на вуртуелната средина во која влетав непоканет, но не одолеав бившата колешка да ја потсетам дека секогаш е тренд да се критикува власта и дека да не беше така, Заев никогаш немаше да дојде на власт, а таа немаше да стане пратеничка (пред советничка). Ја замолив тоа да го почитува. Но, мојата драга пријателка фати да ме убедува дека не бнило секогаш тренд да се критикува власта, а како „аргумент“ во прилог на својата теза, таа ме потсети дека до 2009 година ја фалела претходната власт за она што било „добро“. А кога луѓето од таа власт почнале да забегуваат, „почнавме да ги критикуваме“, се пофали советничката.
И навистина беше така, морам да потврдам. Можам да раскажам уште многу приказни за такви „конструктивци“, кои денес се во власта, а до 2009 година, па и многу, многу подоцна (некои буквално до денот на падот на режимот на ГРуевски), го критикуваа она што беше „добро“ за време на тој режим, за потоа, кога „сфатиле“ дека Груевски „забегал“, да почнат да го „критикуваат“ (умерено и „конструктивно“, нормално) и потоа да бараат и да добијат „боречки“ привилегии. Ние што го критикувавме режимот уште од самиот почеток, од 2006 година, нормално, сме идиоти, бидејќи никогаш не научивме дека секој режим некогаш треба и да се пофали (за она што е „добро“, де) и дека во секој случај треба да се биде одмерен и умерен.
Да се разбереме, не ми пречат професионалните апологети на власта. Нема власт што не функционира по принципот „фали ме усто, да не те расчепам“. Само, ги молам да не им делат лекции на оние што сепак одлучиле да ја критикуваат и оваа власт и да се воздржуваат од кисели коментари. Да не биде еден ден тој ист народ што сега ги наградува со „аплаузи“ нивните пулени да го смени мислењето, а тие пак да мора да ги менуваат дресовите.