Можни се нови случаи на двојно заразени од сипаници – и од варичела и од морбили (истовремено заразени од двата вида), а оваа опасност ги демне и децата, но и возрасните. Малите сипаници се позаразни дури и од грипот, предупредуваат епидемиолозите откако вчера се појави веста дека едно 8-годишно девојче заболе од двата вида сипаници.
Од Министерството за здравство ја демантираат информацијата дека кај двајца заболени се појавиле и тешки компликации од сипаниците – воспаление на белите дробови, па тие морале да бидат приклучени и на апарати за дишење на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
– Таа вест вчера прво беше објавена, но ја корегиравме, бидејќи нема пациенти со морбили кои се на апарати за дишење – велат од Министерството.
Досега има над 100 заболени од мали сипаници, а вонредно се вакцинирани 4.345 лица. Вирусот се прошири и во градовите вон Скопје.
Од Институтот за јавно здравје појаснуваат дека освен што сме во ек на епидемијата на морбили, сега е сезона и на овчите сипаници – варичела, па можно е зголемување на бројот на заболени од двата вида.
За тоа дали е реткост некој истовремено да заболи и од втората сипаница и дали за тоа е виновен ослабениот имунитет, д-р Владимир Микиќ, епидемиолог, објаснува:
– Не мора да значи, но ако некој се разболи од варичела, не е ништо чудно да се разболи и од мали сипаници, ако дојде во контакт со вирусот, бидејќи пренесувањето е исто како и кај вирусот на грип. Па иако тоа се две различни сипаници, тие може и истовремено да се добијат и прележат. Нема општ имунитет кој би заштитил некој да не ги добие овие две заболувања. Но факт е дека здравствената состојба тогаш е потешка, особено ако некој болен веќе има и хронично заболување, како што е случај со детето кое има и астма. Самата хронична болест може дополнително да ја искомпликува постојната здравствена состојба и е предуслов за појава на потешка клиничка слика кај овие пациенти – вели д-р Микиќ.
Тој нагласува:
– Сме во сезона и на варичела, сипаница која релативно лесно поминува кај децата и од која имаме неколку случаи. Вакцина против ова заболување постои и се дава во САД и во неколку европски земји, а кај нас ја нема. И варичелата е доста заразна, но не е како морбили – може и да бидете блиску до лицето кое ја има, а да не се заразите. Додека, морбилите се позаразни и од грипот – од 10 лица, деветмина кои не ја прележале ќе се заразат со овој вирус, за кој не е потребен ниту директен контакт. И два часа откако некој болен престојувал во просторија, морбилите може да заразат друг здрав човек, тоа е проблемот. А во почетокот, симптомите не се толку специфични, туку даваат знаци на респираторно заболување, бидејќи се јавува и висока температура. Па родителите идат и го носат детето по доктори, а тоа во меѓувреме може да заразува други лица, зашто и пред појавата на симптомите, болеста е заразна – нагласува д-р Микиќ.
За морбилите, само оние кои ја прележале оваа болест добиваат траен имунитет, а кај оние кои примиле две дози МРП вакцина, таа дава имунитет кај 95 отсто од случаите.
– Во ретки случаи, и кај некои нив може да се појави клиничка слика на морбили, но во многу полесна форма – додава д-р Микиќ.
Инаку, компликациите по здравјето, како воспаление на белите дробови, се едни од најчестите што морбилите може да ги предизвикаат кај возрасните. Додека, кај децата до една година може да се јават тешки дијареи (проливи), кои ја носат опасноста и од дехидрирање.