Не помина предлогот на пратеникот Влатко Ѓорчев петте вицепремиери да се откажат од покачувањето на платите за 8.000 денари и оваа точка да се симне од дневен ред на денешната собраниска седница.
Горчев оцени дека власта со предлогот за измени на Законот за плати на именувани функционери, односно за зголемување на платите на вицепремиерите не води сметка за граѓаните.
– Власта е забегана, не води сметка за граѓаните. На Радмила Шекеринска, Кочо Анѓушев, Оливер Спасовски, Бујат Османи и вицепремиерот кој не доаѓа на работа Хазби Лика како да им се малку 70.000 денари па се предлага платите да им се зголемат за по 8.000 денари. Со ова власта покажува дека и се важни само сопствените интереси. Ги повикувам, Анѓушев, Шекеринска, Спасовски, Османи и Лика откажете се од зголемувањето на платите за 8.000 денари. Срамота е – рече Ѓорчев.