Охрид би претрпел штети од невремето и ако ЕЛЕМ овозможеше максимален пропуст на водата преку Црн Дрим зашто приливот на вода во Охридското Езеро беше двојно повисок од максималниот одлив на вода што може да го направи ХЕС „Црн Дрим“, тврди раководителот на производство во хидроенергетскиот систем, Тони Маркоски.
– Максималниот испуст што му е дозволен на ХЕС „Црн Дрим“ од езерото е 75 кубни метри во секунда. Наспроти тоа деновиве во Охридското Езеро има прилив на вода од 140 кубни метри во секунда или на дневно ниво водостојот на езерото расте за два сантиметри – појасни Маркоски.
Според него, повеќе од два месеци има голем дотек на вода во Охридското Езеро, но и во Дебарското Езеро што е причина и двете хидроцентрали на ХЕС Црн Дрим, „Глобочица“ и „Шпилје“ да работат со полн капацитет и да го испуштаат максималното дозволените количини на вода кои можат да поминат низ турбините.
Појасни дека ХЕС „Црн Дрим“ не може сам да одлучува за зголемување на приливот и одливот на вода во браните.
– Таква дозвола треба да ни издадат Министерството за животна средина и другите надлежни органи. Улогата на ХЕС „Црн Дрим“ е да го регулира нивото на води и да балансира меѓу нивото на Охридското Езеро, но и нивото на Црн Дрим кое може да предизвика поплави во струшко и во селата покрај реката – рече Маркоски.
Тој додаде дека и нивото на вода во Дебарското Езеро моментално е подигнато за шест метри до преливот, а се очекува поради дождот и топењето на снегот дополнително да се зголеми иако границата на дозволено ниво на водата во ова езеро е на 12 метри под можноста за прелив.
Маркоски рече и дека за количините на вода кои се испуштаат од Охридското Езерото, ХЕС „Црн Дрим“ насоки добива и од Центарот за управување со кризи Струга и јавното претпријатие „Проаква“.
– При тоа се внимава да не се помешаат водите на Црн Дрим и на канализацијата и да се спречи загадување на подземните води и на изворите за вода за пиење – рече Маркоски.
Според актеулните прописи регулирањето на нивото на вода во Охридското Езеро се врши меѓу максимално дозволената кота 694 и 693,10.
– Но,со посебно барање е прифатено минималното ниво на езерото да биде 693,17 што ние го почитуваме – рече Маркоски.
Тој потсети дека не е прв пат Охридското Езеро да има восоко ниво на водата. Тоа се случило и во 2011 и во 2013 година кога водата била над максималната дозволена кота од 694 метри надморска височина.
Денеска нивото на езерото е 693,86 метри надворска висина