Мали инциденти се случија синоќа пред концертната сала во Солун каде што се одржуваше манифестација за одбележување на Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите од Холокаустот на која присуствуваше грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, кога група граѓани кои протестирале против Договорот од Преспа се обиделе да го пробијат полицискиот кордон, јави дописничката на МИА од Атина.
Според локалните медиуми, насобраните граѓани, со грчки знамиња извикувале слогани против Договорот од Преспа и против грчкиот претседател, но и дека „Македонија е грчка“.
До инцидентите дошло кога групата демонстранти се обидела да се доближи до влезот на салата, но била спречена од полицијата која употребила солзавец и шок бомби.
Според солунските медиуми, грчкиот претседател, во концертната сала влегол од заден влез.
Полицијата привела две лица.