На некој чуден начин, мазохистички и самоуништувачки, десните левичари и десничарите, задрти конзервативци или, да бидеме поконкретни, тешки простаци, всушност, ѝ помагаат на власта. Тие што се оправдано или неоправдано разочарани, имаат реални или нереални очекувања од власта, не се дел од оваа опсервација. Нивното морално и политичко право да бараат поинаков однос на функционерите и администрацијата кон нивните позиции е неприкосновено, дури и кога претеруваат (ако воопшто претеруваат). Овде зборувам за оние во чија пропаганда е вбризган отровот на криминалното здружение на бегалецот Грујо Серекеш.
Постојано сме меѓу чеканот и наковалната. Постојано сме во ситуација да избираме меѓу заслужените критики на адреса на власта и одржувањето на линијата на одбрана од антимакедонските структури, тие што се обидуваат да ја одржат нестабилноста, да ја задржат Македонија како изолирана, сиромашна, поделена и небезбедна земја. Мора да го согледаме фактот дека во Македонија дејствуваат ентитети, правни лица и поединци (прилично богати) чија задача е да ја попречат земјата на нејзиниот пат кон подобра и подостоинствена иднина. Едноставно, не сакаат да ја видат Македонија како слободна и независна. Затоа, нивната агенда е иста како онаа на грчките клерикалци и националисти, силно поддржани од путиновата машинерија. Пресметката со тие структури не може да се задржи само во редовите испишани во овие и вакви текстови, туку мора да се види решителна реакција на системот. Луѓето може да се свесни или несвесни, но тоа не е ниту причина повеќе, ниту помалку, системот да не функционира.
Агендата на Мицкоски е едноставна. Нему не му е грижа дали партијата на чие чело го постави сега, барем навидум, разединетата Фамилијата, не му е грижа за интересите на етничките Македонци, па нека се и членови на неговата партија во распад. Заедничките интереси на сите граѓанки и граѓани на Македонија за него се како тежок облик на сипаници кај возрасен. Неговиот најнов, но не и последен, хистеричен викенд поход на јавноста, уште на прв поглед се открива една смеса од лични, нездрави амбиции и нервоза поради неуспехот да се исполнат барањата на руската пропагандна машинерија. Заев ја започна, а Ципрас ја дотепа оваа битка против Македонија.
Мицкоски се однесува како претерано разгалено детиште, со налудничава листа од желби. Дури и маргиналци како бачевци и останатата збунета булумента од самопрогласени левичари (националисти) и радикали му се сериозна конкуренција. Да пукне човек од смеа.
Дури и најобичните оператори сместени во една позната руска „истражувачка“ агенција мора да се многу нервозни кога треба да ги канализираат пропагандните содржини преку своите „теренци“ од редовите на овие тотални губитници. Едноставно, не им оди. Резултатите изостануваат, наспроти тоа што буџетот на оваа руска „истражувачка“ агенција е речиси двојно зголемен (два милиони долари или 132 милиони рубљи). Македонија доби еден силен, решителен и посветен сојузник – Ципрас и неговата влада. Враќање нема.
Сега, остануваат битките дома. Тие нема да бидат едноставни и лесни, по сета лавина од коруптивни скандали, амнестии, неказнивост и… мрза. Нема да бидат лесни ни чекорите да се поправат штетите од националистите од сите бои и од сите етнички трла…
Предвремени парламентарни избори? Заев нема ниедна причина ниту да погледне во листата од желби на вемерото. Дури и вака, со огромни недостатоци во изминатите 18 месеци владеење, тој сега може само да размислува дали да стави кравата или да оди раскопчан на доделувањето на Нобеловата награда за мир.
Но, во меѓувреме, како што и самиот кажа, цитирајќи ја германската канцеларка Ангела Меркел: „Arbeiten!“ Ама, не само тој, туку треба да работат и сите останати што се на платниот список на граѓанките и граѓаните на Македонија. Оние што ќе добиваат поврат на ДДВ од 1 јули.
Во меѓувреме, обвинителите ја тужат државата. Бараат пари. Се покачија платите на еден дел од функционерите. Тендерите сѐ уште предизвикуваат сомнеж и оправдан револт. Снегот и мразот во јануари остана главно изненадување за локалните власти. Загадувањето се решава со продолжување на зимскиот распуст… Што мислите за тоа?